Малку знаеме за структурата на Фејсбук

Податоците кои Фејсбук ги има за луѓето го прави една од највлијателните организации на светот, а една компанија од Србија сакаше да ја открие структурата на мрежата, пишува BBC.

Пред неколку години, Владан Јолер од Нови Сад и неговите колеги од Белград почнале да го истражуваат внатрешното функционирање на една од најмоќните корпорации на светот. Тимот, во кој биле вклучени и експерти за сајбер-форензичка анализа и визуелизација на податоци, веќе ги истражувал „различните форми на невидливите инфраструктури“, но со Јолер и проектот Share Lab „си земале поголем залак“.

„Кога Фејсбук би бил држава, би бил поголем од Кина“, вели Јолер – професор на универзитетот во Нови Сад. Тој се потпира на познатите, но сепак несфатливо големи бројки што го опишуваат Фејсбук: сицилиумскиот гигант чува околу 300 петабајти податоци, има речиси 2 милијарди корисници и само во 2016-та забележал приход од 28 милијарди долари.

Сепак, вели Јолер, не знаеме ништо околу тоа како таа компанија функционира, и покрај фактот дека ние, како корисници, ја имаме снабдено со најголемиот дел од материјалот за работа, и тоа потполно бесплатно.

„Секогаш кога ќе објавиме нешто, тагнуваме пријатели и коментираме, во суштина работиме за Фејсбук“, вели тој.

Податоците од нашата интеракција на друштвената мрежа им овозможуваат информации на сложените алгоритми кои управуваат со неа, и благодарение на тоа, нашето однесување на интернет се претвара во производ/комодитет кој може да се понуди на пазарот. Разбирањето на овој главно скриен процес е исклучително сложен потфат.

„Се обидовме да ги мапираме сите инпути, сите полиња преку кои влегуваме во интеракција со Фејсбук, како и исходите. Ги мапиравме лајковите, шеровите, пребарувањата, статусите, додавањето фотографии, пријателите, имињата, сé што нашите уреди откриваат за нас, сите дозволи кои му ги даваме на Фејсбук преку апликациите – како статусот на телефонот, ви-фи конекцијата и можноста за снимање аудио-записи“, вели Јолер.

Сето тоа е само дел од целосната слика, па затоа тимот решил да ги испита и Фејсбуковите аквизиции и барања за патентирање на одредени технологии. Резултатите покажуваат дека информациите што Фејсбук ги има за нас се од неверојатен размер.

Приложената мапа покажува дека со анализа на тие податоци, Фејсбук може да ја пресмета нашата етничка припадност, сексуална ориентација, политички афинитети, општествената класа, планот на патувања и уште многу друго.

Друга мапа покажува дека сé што објавуваме и лајкуваме, како и нашите активности на другите катчиња од сајберпросторот кои се поврзани со Фејсбук (како Инстаграм, WhatsApp и сите сајтови на кои можете да се логирате преку Фејсбук профилот), е всушност влез во огромен алгоритамски процес. А тој процес му овозможува на Фејсбук да ги таргетира корисниците со запрепастувачка точност, со способност до степен да може да одреди дали сакате кинеска храна, колку долго патувате на работа, колку години има вашето дете и сл…

Друга мапа детално прикажува сé што ѝ дозволуваме на друштвената мрежа преку бројните апликации, вклучувајќи и да ни ги чита сите SMS пораки, да презема податоци од уредите без да бара дозвола, но и да има пристап до нашата прецизна локација.

Овие алатки се моќни дури и поединечно, но кога се во комбинација со енџин за собирање на податоци, отвараат можност за експлоатација од огромни размери.

Фејсбук веќе со години истакнува дека приватноста на корисниците и безбедноста на операциите му се најважни во работењето, но Јолер не е убеден. Податоците остануваат во рацете на една компанија, што значи дека нема гаранција за иднината, особено што е сосема можно и во крајна црта неизбежно да се промени сопственичката структура и луѓето на чело на компанијата. 

Аналитичарите го пофалија проектот Share Lab. Многумина го оценуваат како најсеопфатното мапирање на Фејсбук досега направено. Но дури и делумно да ги изнесува нештата на виделина, степенот до кој Фејсбук е навлезен во сите пори на општеството е немерлив со бројки. „Тоа што е најстрашно е што еден ентитет има моќ над информациите, а поголема моќ од тоа не постои“, велат експертите.

Јолер и самиот истакнува дека неговата голема мапа е само дел од големата слика, и притоа не ја исклучува можноста за постоење и на мноштво други алгоритми за кои никој не знае. Сепак, неговата останува единствената релевантна мапа што ја имаме за една од најголемите сили кои го обликуваат денешниот свет.

 

- Реклама -