Малески: Кој го oтeпa СЈО?

Пишува Денко Малески

Ја поразивме Америка и Европа и сите оние дома кои сакаа правда во Република Северна Македонија. СЈО е мртво. Кој го уби СЈО? Ориентот, онаа состојба на духот која се што ќе допре мрси и кочи, прави двосмислено, повеќесмислено, па и бесмислено, која им ја вади душата и ги умртвува и луѓето и идеите, додека, така неподвижни, не ги одвлечка во некое глуво ништавило. Духот на Ориентот во нас ги победи јасните демократски принципи на Западот.

Отпорот кон тие принципи на правната држава не е од вчера. Во случајот на СЈО тој отпор трае од неговото основање кога, наместо по објавувањето на „бомбите“, да наведнат глава и да се извинат за узурпација на доверената им власт, владата на ВМРО-ДПМНЕ го нападна непријателот кај него дома.

Дрскоста отиде дотаму што, се сеќавам, партиски емисари продреа во американскиот Конгрес во обид да покренат постапка за отповикување на нивниот амбасадор во Скопје Џес Бејли. Имено, со пресудна поддршка на западните амбасадори, беше срушена претходната власт , која и по поразот не мислеше да седи со скрстени раце. Но, тогашните политичари мислеа дека ангажманот на амбасадорите е нешто лично, како кај нас, па нашите домашни игри на персонална дискредитација лесно ќе минат и на Западот.

Малку знаеја дека државата која ја управуваа стана безбедносно прашање за Европа и за Америка, нејзината корупција и нетранспарентност станаа вид заразна болест во меѓународното општество на држави, за која мораше да се најде лек. Лекот беше да замине партијата и нејзиниот водач кои, заробувајќи ја државата, го потчинија народот на својата волја. Инструментот беше, ново, храбро Специјално јавно обвинителство кое не е фатено во мрежата на власта. Пет години подоцна СЈО е фатено во мрежата и сега останува да видиме дали ќе има пазар со ВМРО-ДПМНЕ да се одвлечка во тоа фамозно балканско глуво ништавило… Целата статија ТУКА.

- Реклама -