Малата, но технолошки најнапредната земја во светот

Estonia_nıghts_8[1]

Сте биле во Естонија?

Оваа балтичка држава со население од само 1.3 милиони жители се издвојува од источноевропските соседи по тоа што има развиена економија и висок стандард на живот. Естонија, патем, е и технолошки рај. Некои ја знаат како „домот на Skype”, но тоа не е сè.

Гласањето, потпишувањето на документи и поднесувањето на даночни пријави во Естонија се одвива онлајн, преку X-Road. X-Road e систем кој координира множество од информации и на Естонците (обичните граѓани, компаниите и државните службеници) им овозможува невидено брз и лесен пристап до податоците од кои имаат потреба при отварање/раководење на бизнис, при вадење на лиценци, дозволи и други документи – процес кој во други земји би траел со денови, недели, па дури и месеци. Притоа, X-Road е изграден така што новите услуги и бази на податоци можат без компликации да бидат додадени во дигиталниот систем, што само по себе е импресивно. А сепак, X-Road e само капка во морето во технолошки напредниот рај Естонија.

Наместо да биде попречена од своето минато и да е жртва на многу од проблемите со кои се соочија/соочуваат голем број од посткомунистичките држави – како корупција, разуздана државна администрација и застарен образовен систем, Естонија одлучи да започне од почеток и да инвестира во својата иднина.

Со цел општеството да се трансформира во заедница од технички образовани индивидуи, децата уште од 7-годишна возраст учат принципи и основи на програмирање. За споредба, само во едно од четири училишта во САД се предава компјутерско програмирање.

Овие стабилни основи даваат импресивни резултати. Според MarketWatch, Естонците имаат јасни цели, напредни размислувања и се претприемачки настроени, како што се и во поглед на управување на земјата. Во Естонија се потребни само пет минути за да се регистрира фирма, а според The ​​Economist, земјата е рекордер по бројот на стартап компании по глава на жител во 2013 година. И не, не станува збор за квантитет наместо квалитет: многу естонски стартапи во моментов се успешни компании кои можеби и ги препознавате: Skype, Transferwise, Pipedrive, Cloutex, Click & Grow, GrabCAD, Erply, Fortumo, Lingvist и други. Патем, Естонија го користи еврото.

Ако ова ви звучи примамливо и сакате да станете естонски претприемач, имате среќа – да основаш компанија во Естонија е лесно и може да се направи и без да мора да пакувате куфери – преку услугата за електронски престој, која е достапна на меѓународен план за секој заинтересиран. Преку електронското жителство не само што можете да формирате компанија преку интернет, туку и да добиете пристап и до други онлајн сервиси, во кои Естонците уживаат повеќе од една деценија. Тоа вклучува и електронско банкарство, парични трансфери, онлајн плаќање на даноци, електронски потпис, проверка на договори и документи и многу други. Е-жителите добиваат и паметна ID картичка која е правен еквивалент на личните карти во Естонија и во светот. Самите картички се заштитени со 2048-битен код, а потписот и идентитетот се чуваат во два безбедносни сертификати во микрочипот на картичката.

Големите иновации не запираат таму. Структура слична на Blockchain – која е во основата на криптовалутата биткоин, ќе се користи за гарантирање на безбедноста на здравствените податоци на околу еден милион Естонци. Таа ќе ги регистрира сите промени во нив, законски или незаконски, и на тој начин ќе ја гарантира нивната автентичност и практично ќе се елиминира секаква злоупотреба на податоците во мрежата.

Останатите земји во светот од Естонија можат да научат многу лекции, но овие неколку се особено важни: секоја држава треба да сака да се адаптира и да е отворена за менување како на инфраструктурата, така и на менаџментот и администрацијата, така и на економијата, а ако е потребно, и постојано да ги оптимизира. Секоја нација треба да разбере дека промена на ставовите мора да има, и дека таа започнува со младите. Образовниот систем не смее да биде дизајниран на начин што го ограничува нивниот полетен разум, или што ги товари со премногу несоодветни информации. А пред сé, за да цвета претприемништвото, потребно е да се отстранат бирократските и техничките пречки на сите нивоа.

- Реклама -