Една од најмалите држави во светот неодамна објави дека нема никакви долгови и дека планира да ги вложи заработените пари од користењето на кредитите за зголемување на пензиите и стимулативни мерки за враќање на иселениците дома, пишува Guardian.
Островот Ниуе, еден од коралните острови во Јужниот Пацифик, има помалку од 2.000 жители. Иако се самоуправува, тој не е целосно независен, туку има слободно здружување со Нов Зеланд, кој му помага со 14 милиони долари годишно, управува со неговата надворешна политика и му ја гарантира безбедноста.
Како и да е, премиерот на Ниуе – Токе Талаги, изјави дека земјата успеала да го исплати долгот од 4 милиони долари, и нема интерес да зема нови заеми, особено не од големите држави како Кина. Азиската држава, од друга страна, понуди огромни суми, на кои тешко дека некој од другите тихоокеански острови ќе одолееја.
„Се обидуваме да живееме со нашите средства, исползувајќи ги природните ресурси на островот, како туризмот, бананите и извозот на вода. За нас е подобро да бидеме трпеливи и да инвестираме во извори на нашиот остров, од кои ќе зависиме“, рече Талаги.
На 1 декември, пензиите на жителите на Ниуе ќе пораснат од 250 – на 272 долари, т.е. за нешто под 9%. Освен тоа, владата настојува во следните три години да ги зголеми и платите на државните службеници, со цел да достигнат 80% од нивото на платите во Нов Зеланд.
Притоа, државните службеници во Ниуе работат 4 дена во неделата. Премиерот рече дека тоа нема да се смени, напротив: предложи еден дополнителен ден за одмор, во кој луѓето би волонтирале во работни акции и би учествувале во општинските активности – што наиде на позитивна реакција кај островјаните.
Порано годинава пак, во август, Ниуе соопшти дека родителите на бебињата родени на островот ќе добиваат еднократна помош од 1.437 долари. Со тоа Талаги се надева дека ќе ги привлече младите островјани да се вратат во татковината и да создадат семејство. Ваквиот потег на владата е мотивиран од досегашниот неуспех на островот да го задржи и зголеми своето скромно население. Во последните декади, неколку илјади луѓе имаат емигрирано во Австралија и Нов Зеланд во потрага по подобри можности за живот и работа. Како резултат на тоа, стотици куќи на Ниуе останаа опустошени, а локалните жители се плашеа дека останале премалку луѓе за нормално функционирање на островот.
Сепак, во последните неколку години, населението на Ниуе е зголемено за 10%, вели Талаги, претежно зашто младите луѓе почнуваат да се враќаат од Нов Зеланд.
„Нештата во Нов Зеланд се тешки; луѓето се приморани да спијат во коли (заради немање живеалиште), а тоа е смешно. Сé повеќе иселеници од Ниуе сериозно размислуваат дали да останат таму, а ние ги чекаме со отворени врати да се вратат дома“, вели премиерот.
Се чини нештата во Ниуе почнуваат да се движат во добар правец. Во тоа имаат удел и сериозните напори на управителството островот да не зависи премногу од туѓа помош – амбиции што Нов Зеланд исто така ги поддржува.