Францускиот претседател Емануел Макрон е во тесно. Освен што Финска, како претседавач на Унијата, понуди компромис, вчера и Ангела Меркел му извршила голем притисок да даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Од друга страна, пак, ако се поаѓа од изјавата на премиерот Зоран Заев дека Макрон нема ништо против Северна Македонија, туку едноставно инсистира на реверзибилност во процесот на преговори, тогаш токму со ова Макрон ја постигна неговата цел.
Како што објави „Канал 5“, повикувајќи се на свој извор од Франција, уште вечерва на таканаречениот корепер состанок (coreper meeting, ака. состанок на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки на Европската унија) ќе биде донесена позитивна одлука за почеток на преговори за Северна Македонија (не и за Албанија), но со услов веднаш да се започне со промена на методологијата во процесот на преговори и истата да важи и за останатите кандидати кои сѐ уште ги немаат затворено сите поглавја (со тоа и за Македонија).
Главната промена што Франција ја бара во процесот на проширување и „преуредувањето“ на методологијата според која се водат пристапните преговори, е тоа процесот да биде реверзибилен, односно, доколку земјата кандидат назадува во одредено поле за кое веќе го затворила соодветното поглавје, во процесот на преговори таа повторно да биде вратена на поглавјето во кое назадувала.