Макрон: Имаме голема одговорност во поглед на Западен Балкан, нема да можеме да изградиме Европа на мирот оставајќи го Балканот во оваа ситуација

Претставувајќи ги приоритетите на француското претседателство со Советот на Европската унија во првото шестомесечие на 2022 година, францускиот претседател Емануел Макрон се осврна на „големата одговорност која ја има Европската унија кон земјите од Западен Балкан“, јави дописникот на МИА.

„Нашето непосредно соседство е Западен Балкан, ние ќе организираме во јуни конференција за Западен Балкан. Бидејќи повеќе од соседство, Балканот е срцето на Европа, доволно е да ја погледнете картата и нашата историја, во тој регион денес има нови тензии. Ние имаме особено историска одговорност кон Западан Балкан“, нагласи Емануел Макрон.

„Ние треба да водиме политика на повторно ангажирање, но исто така на инвестирање за да се фаворизира економската интеграција на регионот, за да се развијат размените меѓу луѓето, за да се зборува за прашањата на малцинствата кои го покриваат целиот регион и да се бориме против мешањето, манипулациите, кои се дело на повеќе регионални сили, кои бараат преку Балканот да ја дестабилизираат Европа“, додаде тој.

Прочитајте и:  Мицкоски: Нашите аргументи му се предочени на Радев, очекувам добрососедство и до крајот на годинава да го продолжиме нашиот процес

Макрон е на мислење дека оваа политичка и економска работа кон Западен Балкан е „вистинска агенда за суверенитет за Европа, бидејќи не може да се изгради Европа на мирот и просперитетот во идните педесет години, ако се остави Западен Балканот во денешната ситуација“.

„Треба да се појаснат европските перспективи, да се реинвестира во регионот и неговото единство и да се има вистинска заедничка амбиција за идните децении. Нема да можеме да изградиме Европа на мирот оставајќи го Балканот во оваа ситуација“, нагласи Макрон зборувајќи за европските перспективи на Западен Балкан.

Францускиот претседател најави повеќе конференции и средби кои се многу значајни, бидејќи на нив ќе бидат завршени некои амбиции за кои Франција се залага од пред повеќе години, но кои ќе дадат и конкретни одговори за Французите и Европјаните.

МИА

- Реклама -