Компанијата „Макпетрол“ соопшти дека од 1 јануари нема да увезува и да испорачува природен гас до своите потрошувачи.
Во соопштението испратено до јавноста, „Макпетрол“ посочува дека причина за ваквата ситуација се новите услови за работа кои ги предвидува, според нив, прерано потпишаниот договор за интерконекција меѓу државното претпријатие „ГА-МА“ АД и „Булгартрансгас“, со што не се применливи досегашните услови според кои компанијата увезува и испорачува природен гас до своите потрошувачи.
„Од причина што до овој момент не се донесени подзаконските акти согласно Законот за енергетика, кои ќе го регулираат работењето на пазарот на природен гас во согласност со договорот за интерконекција, ‘Макпетрол’ АД Скопје нема можност да отпочне со новите услови на работа предвидени со новиот Договор за интерконекција. Дополнителен проблем преставува и фактот што и по 5 (пет) години од донесувањето на Законот за енергетика сè уште нема сертифициран Оператор на системот за пренос на природен гас, кој е должен да ги донесе потребните подзаконски акти.
Токму поради ова, ‘Макпетрол’ АД Скопје, во согласност со Договорот за интерконекција, побара од државната компанија ‘ГА-МА’ АД Скопје да обезбеди согласност од ‘Булгартрансгас’ да продолжи со работа според старите услови, заклучно со 30 септември 2023 година, во кој период би се донеле сите подзаконски акти и сите учесници на пазарот на природен гас би се подготвиле за новиот начин на работа, кој е многу посложен од досегашниот“, се вели во соопштението.
Од „Макпетрол“ посочуваат дека ги информирале сите релевантни институции во државата за неподготвеноста на целиот пазар на природен гас за примена на Договорот за интерконекција, уште пред неговото потпишување.
„Во однос на горенаведеното, ‘Макпетрол’ АД потенцираше дека потпишување на таков договор е избрзана одлука, на која задолжително треба да претходи донесување на сите подзаконски акти, како и подготовка на сите учесници на пазарот на природен гас за новите услови на работење, но истото не беше земено предвид.
‘Макпетрол’ АД Скопје изразува жалење за оваа несакана ситуација и ќе направи сè што е во негова моќ за да може да се надмине истата што поскоро“, велат од компанијата.
МИА