Маќедонци: Изградбата на фабрика за муниција во Косово е во координација со САД и другите партнери

По денешната одлука на Владата на Косово да започне процедури за отворање фабрика за муниција и лабораторија за дизајнирање беспилотни летала, косовскиот министер за одбрана, Ејуп Маќедонци изјави дека сите дејствија во тој правец се преземаат во координација со стратешките партнери на државата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите на денешната церемонија по повод Денот на косовските сили, Маќедонци рече дека досега е добиена физибилити студија од Министерството за одбрана на Турција, а извршени се координации и со други меѓународни партнери, пред сé со Соединетите Американски Држави, како „главен стратешки партнер во развојот на одбранбените и безбедносните капацитети“ на Косово.

„Ние не преземаме ниту еден чекор без консултација со сите партнери, особено со САД, кои се наш главен стратешки партнер во развојот на одбранбените и безбедносните капацитети. Фабриката за муниција е владин проект и не се меша со аспектот на транзицискиот план на Безбедносните сили на Косово (ФСК), кој нормално ќе се развива врз основа на целите на сеопфатниот план изготвен со САД“, рече Маќедонци.

Прочитајте и:  Косово ќе отвори фабрика за муниција и лабораторија за дизајнирање дронови

Според него, отворањето на фабриката за муниција ќе придонесе за логистичка стабилност, не само за ФСК, туку и за другите министерства кои поседуваат оружје и за кои е потребна муниција.

Сите предвидени производи, нагласи косовскиот министер за одбрана, ќе бидат според стандардите на НАТО.

„Покрај Република Турција, ќе продолжиме да разговараме и со други земји за можноста за производство на различни компоненти на вооружување, но и различно оружје во иднина, но фокусот нормално е прво на муницијата, која е основен елемент за функционирањето на војската“, рече Маќедонци.

- Реклама -