Макфакс открива: Патни трошоци – едни пресметки за пратениците, други за граѓаните

Алија Камбероски, кој e прв на листата на топ 20 пратеници според потрошените средства за патни трошоци за 2017 година што ја објави „Макфакс“, патува од Лабуништа, Струга, и во еден правец поминува околу 174 км за да стигне до Скопје.

Според пресметките што може да се добијат на порталот viamichelin.com, во просек патот до Скопје од оваа локација еден граѓанин кој патува со свој автомобил, без патарините, би го чинел нешто повеќе од 18 евра или 36 евра во двата правци. Доколку на тоа се додадат и околу 5 евра за патарини во двата правци, трошоците би изнесувале 41 евро за патот до Скопје. Ако во месец со набиена агенда еден граѓанин реши да патува 20 пати до Скопје и назад од оваа локација, според оваа пресметка, ќе потроши околу 820 евра за патни трошоци. Доколку се примени актуелното правило за враќање на 30% од оваа сума, тогаш граѓанинот би требало да врати 246 евра од патните трошоци.

Но, трошоците за пратениците се пресметуваат според друга методологија бидејќи не им се брои само потрошениот бензин туку и изминатите километри. Тие со сегашната одлука на Собранието имаат право на надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на еден литар гориво според изминат километар, плус патарините. Па така, во април Камбероски земал околу 2 илјади евра за патни трошоци, во јули 2364 евра, додека во ноември 2427 евра.

Камбероски од март до ноември лани за само девет месеци од Собранието добил 12.847 евра за патни трошоци, што значи дека во просек само за патот до Собранието и назад месечно добивал дополнително по 1.427 евра.

* * *

Пратениците и лани зеле по 10-12 илјади евра за патни трошоци, а некои и поседуваат станови во Скопје, но повеќе околу тоа дочитајте во оригиналната сторија (од која овој текст е извадок) на Кристина Озимец и Васко Маглешов за Макфакс. Ќе ви биде забавно, ветуваме.

- Реклама -