Македонското МНР со „најостра осуда“ за искршената табла на „Цар Борис Трети“ во Охрид

„Најостра осуда“ за „вандалскиот чин во кој е искршена таблата на „неодамна отворениот клуб“, изрази попладнево македонското Министерство за надворешни работи, откако денеска беше соопштено дека била оштетена таблата на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид.

Од МНР „потсетуваат“ дека, како што велат, „според Уставот и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања“.

„Ги повикуваме сите надлежни институции да преземат соодветни мерки за овозможување на непречено исполнување на сите со Устав и закон загарантирани човечки и граѓански права и слободи.

Истовремено, го повторуваме апелот и до сите граѓани и здруженија на граѓани за зрело и одговорно однесување со почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас“, се вели во реакцијата на македонското МНР.

- Реклама -