Македонскиот клуб во Бугарија не е отворен зашто Бугарија нема влада, вели Ковачевски

Во Собранието имаме донесено Закон за здруженија на граѓани кој ќе биде спроведен како и сите други закони во оваа држава. Дали некоја друга држава ќе донесе каква било декларација е право на државата и тоа не може да влијае на спроведувањето на законите. Барам и Буагрија и сите други држави да ги спроведуваат одлуките, пресудите на сите меѓународни судови, институти на кои се членови како што тоа го правиме и ние, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање од Рашела Мизрахи дали и имплементирањето на законот за здруженија и фондации кој требаше да одговори на прашања на фашистички имиња и нивни соработници е попречуван заради бугарската декларација.

„Ние преговараме за членство во ЕУ со ЕУ, а не со Бугарија. Со Бугарија имаме билатерални прашања кои се регулирани со договор и за тоа се формирани работни тела кои работат без политичко влијание и без политички притисок врз основа на научна методологија и единствено со целосен консензус можат да носат зкалучоци кои потоа треба да бидат институционално спроведувани. Имаме администрација која успешно ги води преговорите со ЕУ, односно скрининг процесот. Сигналите се позитивни од ЕУ, а со темпото со кое се работи до ноември како што е планот ќе заврши скрининг фазата на процесот на пристапување кон ЕУ“, посочи Ковачевски.

На прашањето од пратеничката Мизрахи кога ќе се отвори македонскиот клуб во Бугарија, премиерот кажа дека Министерството за култура ги подготвило сите потребни документи за барање за отворање културен клуб во Бугарија кој би бил дел од културниот клуб кој веќе го имаме отворено во Софија.

„До Владата на Бугарија ќе доставиме барање, Министерството за култура ги подготви сите потребни документи и ги достави до МНР, меѓутоа оттогаш во Бугарија нема избрано политичка влада. Кога ќе се формира во Бугарија влада со која ќе може да се разговара за долгорочни решенија ќе може барањето да биде испратено до именуваниот министер за надворешни работи и тогаш ќе зависи од Бугарија одговорот бидејќи се работи за отворање наш клуб во Бугарија. Кога ќе има позитивен одговор тогаш како што кажав, заедно ќе одиме на отворањето на културен клуб уште еден во Бугарија“, рече Ковачевски.

МИА

- Реклама -