Македонските претставници на Летните олимписки игри во Лондон ги завршија своите настапи. Она што апсолутно разочара се реакциите од спортските новинари ширум земјава.
На отварањето на 30-те Летни олимписки игри во Лондон се појавија преку 10.500 спортисти од 204 земји во светот и сите со гордост чекореа зад своето национално знаме. Во светот на спортот, најголема чест за еден спортист е можноста да ја претстави својата нација на најголемото спортско збиралиште. Но, дали е така и за нашите спортисти?
Прво, ќе почнеме со една споредба, бидејќи секогаш сакаме да се мериме со другите. Кина, која е најнаселената земја во светот, моментално е во блиска борба со САД за првото место според бројот на освоени медали на Игрите. Оттаму ни доаѓа и натпреварувачката во синхронизирани скокови во вода, Ву Минџиа. Таа освои златен медал, по што ја дочека шок.
Дури по церемонијата за доделување на медалите, нејзиниот татко ја известил првата натпреварувачка што има освоено злато на три Олимпијади по ред, дека баба ѝ и дедо ѝ умреле во текот на нејзините подготовки, а дека мајка ѝ е во битка со рак на дојката веќе осум години. Ништо од тоа не ѝ било соопштено, за да нема деконцентрација, т.е. „семејството сакало да ѝ обезбеди оптимални услови за таа да постигне најдобар можен резултат“.
Покрај тоа што овие спортисти се подготвуваат како роботи, уште од мали, кога кај нив ќе биде откриен талнетот, со државно школување и живеење во интернати, за да го извлечат максимумот од нивните способности, сигурно е предност и фактот што Кина има речиси милијарда и пол жители. Па, не баш…
Осмата најнаселена држава на светот, Бангладеш, со речиси 100 пати повеќе жители отколку Македонија, на овие Олимписки игри има идентичен број претставници, 4, во единствените спортови во кои се добива право на учество со вајл-карта – пливање и атлетика. Што е уште полошо, тие никогаш немаат освоено олимписки медал, откако започнале да се натпреваруваат во 1984 година. Ние, од друга страна, имаме бронза како Република Македонија, донесена од Сиднеј од Могамед Ибрагимов, како и 12 други, што нашите спортисти ги освоиле во склоп на СФРЈ.
Сепак, во годината кога ниту еден наш спортист не обезбеди олимписка норма и на Олимпијадата отпатувавме со двајца атлетичари (Кристиан Ефремов и Христина Ристеска) и двајца пливачи (Марко Блажевски и Симона Маринова), реакциите на спортските новинари и професионалните кликачи на Фејсбук беа и повеќе од срамни. Се движеа од прекори и пцовки за „слабите резултати“, до споредби со „рекреативците од Џибиту и Сомалија“. И тука мора да се постави прашањето – сме се погледнале ли ние во огледало?
Да го оставие на страна фактот што такви изјави можат да дојдат само од луѓе што никогаш сериозно не се бавеле со спорт и да се фокусираме на условите во кои се подготвуваа нашите Олимпијци. До последен миг Атлетската федерација и МОК не можеа да се договорат кој ќе патува во Лондон. Официјалните подготовки почнаа на околу еден месец пред почетокот на Игрите, што за натпреварување од таков ранг е смешно.
Оваа година, рекреативно се подготвував за трката на 21 километар на Скопскиот маратон. Поради проклетиот снег, ми останаа помалку од два и пол месеци за влегување во форма и почувствував на своја кожа колку интензивните подготовки во кус временски период можат да бидат исцрпувачки и пеколни. Кога тој период уште и ќе го преполовите, ќе ви стане јасно зошто никој не би можел да извлече повеќе од прикажаното. Исто така, знам колкава е демотивацијата кога ќе ги видите Кенијците (кои штотуку започнале да се натпреваруваат интернационално и зад себе немаат позначајни резултати) како прават предност од цел километар, по само 10 минути трка – иако не се натпреварувате на истата далечина. Можам само да претпоставам какво е чувството кога ќе застанете рамо до рамо на стартот со спортисти од врвот на светската атлетика.
И тоа можеби не е најстрашното. Со години наназад ние немавме функционален олимписки базен, а тартанот на градскиот стадион во Скопје беше во ужасна состојба. Реновирањето се одвиваше токму во периодот кога атлетичарите требаше да се подготват за големата сцена. Секој што некогаш трчал знае дека не е исто кога трчате на трева, на бетон и на тартан.
На крајот, можеби најважно од сè е тоа што овие спортисти се нафатиле да се појават на Олимпијада, знаејќи што ги чека потоа во јавноста и знаејќи дека ние ќе очекуваме чудо, иако не сме вложиле во нивниот развој, туку тие сами работеле на спортското издигање – толкаво колкаво што е. Овие четворица спортисти се согласија да се појават во Лондон и да нè претстават колку што можат подобро, за и ние да можеме да кажеме дека достоинствено сме се појавиле на Олимпијадата.
Јас им благодарам за храброста и се гордеам што го направија тоа што го направија. Страв ми е дека за четири години, на Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро, никој нема да сака да отпатува за Бразил. А, и зошто би сакал? За потоа да биде омаловажуван и плукан од луѓето чија чест ја брани? Не, тогаш веќе никој нема да може да ги обвини македонските спортисти ако кажат дека им е преку глава од односот на сопствениот народ.
Она што треба да го запомниме, сите ние што ги следевме натпреварите на нашите спортисти од удобната позиција на каучот, со пиво и грицки, е дека тие всушност ги имаат најдобрите резултати од целата држава. Ако сакате да плукате, истрчајте 400 метри во нивните спринтерки или испливајте неколку должини во базен побрзо од нив, па потоа никој ништо нема да ви забележи. Дотогаш, покажете малку почит за спортистите од Македонија. Тие го заслужија тоа!