По завршувањето на Евробаскетот, беше објавен конечниот пласман на сите селекции што учествуваа на континенталниот собир и Македонија се најде на 19 позиција.
Со една победа и четири порази во Загреб, „црвено-жолтите“ оставија зад себе пет селекции и забележаа минимален напредок во однос на претходниот шампионат во Словенија, кога на крајот завршивме на 21. место. Најдобар пласман имавме пред четири години со историското четврто место, а во 2009 година бевме деветти. На дебито во 1999 година завршивме на 13. место во конкуренција на 16 екипи.
Репрезентацијата на Шпанија повторно се искачи на тронот на европската кошарка, откако вечерва во Лил во завршниот меч на Евробаскетот убедливо ја совлада Литванија со 80:63.