Целиот текст и фотографиите де преземени од фб страната The Momentum на Лазо Димитров кој е и автор на текстот подолу.
Приказна за Јабланица и Лабуништа
Каменоломот, Бетонската Шума и Расплаканото Езерото
Експозиција
Најчесто кога објавувам слики немам практика дополнително да пишам некој збор или текст, но еве ме пишувам. Овој пат имам исконска потреба да ја раскажам приказната за Јабланица и Лабуништа, а поттикнат од позитивните и негативните емоции кои се испреплетуваат и борат во мене од се тоа што видов, слушнав и доживеав при посетата на Јабланица и Лабуништа. Пишувам инспириран од прекрасните предели и природни убавини кои ни најголемата човечка имагинација не може да ги замисли. Но во суштина, можеби повеќе пишувам исфрустриран од човечката негрижа и дилетантски однос кон природата.
Заплет
Чин 1
Ден пред поаѓање пријателот ме прашува „Ти утре ќе одиш во Лабуништа?“ и се смее. Продолжува, „Сто години не сум прочитал или чул вест за Лабуништа, а ти само што ја спомна, неколку часа пред да тргнеш, еве на интернет читам, Жителите на Лабуништа утре повторно на протест, бараат да се затворат сите каменоломи“. Не одговорив ништо, само си помислив во себе „Кај баш сега најдоа да протестираат! Ако го блокираат патот утре, ништо од турата, ќе пропадне.“.
Чин 2
Се возиме со комбето и од нашата десна страна гледам страотен призор. Планината раздробена, искасапена, дупки врежани како дете кога скришно со прст гребе од торта. И тогаш разбрав зошто жителите на Лабуништа протестираат. Каменоломот скоро како и да е лоциран во самото село. Една куќа изгледа како да виси над самата бездна и само прашање на време е кога ќе се сруши. За прашината, бучавата и целото загадување од работите кои се изведуваат и камионите кои врват може само да си претпоставувам.
Чин 3
Се движиме низ селото. Се пробиваме и се мачиме да поминеме низ тесните, скоро и непроодни улици од куќи и ѕидови, кои како да се изградени скоро на сред улица. Куќи и ѕидови кои се толку блиску изградени како да треба да се бакнат во секој момент. Успеваме со крајни маки да излеземе од селото и полека продолжуваме да се искачуваме по новиот пат кој треба да не однесе до Лабунишки Бачила од каде што треба да го започнеме нашето искачување на Јабланица. И одеднаш се прашувам „Нов пат низ шумата и подножјето на планината за да не однесе од Лабуништа до Лабунишки Бачила?! Па небаре овците таму злато даваат.“. Продолжувам да се чудам и да се убедувам дека можеби некој мислел дека со патот ќе привлече повеќе туристи да ја видат убавината која ја поседува Македонија или пак можеби сакал да им олесни на вљубениците во планините и природата полесно да стигнат до планината. И додека уште сум во дилема, се обидувам да ја разберам логиката и се чудам која е целта на новиот пат (до душа и тој беше во лоша состојба, бидејќи никој не го одржува), нов призор кој ме стаписа и вџаши. Во срцето на некогаш недопрената природа никнале безброј викенд куќички, а уште многу повеќе се градат. Гледам и не ми се верува. Парадоксално викам во себе и онака како во Шекспирска трагедија или можеби веќе трагикомедија, во мојот саркастичен и ироничен стил се запрашувам зошто жителите на Лабуништа протестираат за каменоломот кога ваму цигла по цигла Бетонска Шума од викенд куќи изградиле. Па барем да го искористеа каменоломот и по стапките на Ацо да тргнеа и „камен до камен, камена шума од ВИКЕНД КУЌИЧКИ да изградеа“ и во срцето мое помала изѕемнина ќе направеа.
Кулминацијата
Чин 4
Стигнуваме до Подгоречко езеро. И во состојбата во кое е сиротото и понатаму блеска, плени и изгледа прекрасно. Сепак гледам со недоумица, се прашувам дали сум на вистинското место, зарем ова е езерото кое треба да важи за најголемото глацијално езеро на Јабланица. И додека ги барам причините и се убедувам дека беше сушна година без многу врнежи и ова е главната причина што нивото на водата е толку намалено, ми ја кажаа причината, луѓето направиле отвор и канал да ја користат водата од езерото за наводнување на нивите кои се наоѓаат подолу. И повторно сум вџашен, останувам запрепастен, се прашувам дали во својата себичност и грижа само за своите потреби, навистина не разбираат дека и езерото има душа, дека не е непресушен извор на вода, дека полека умира, ќе пресуши, ќе исчезне. И си велам, не е можно, не, не сакам да верувам дека човек е толку суров. Си велам, пресушува бидејќи езерото само плаче. Плаче и лее солзи за својата судбина, се тоа што и се случува на Јабланица и мајката природа. Толку многу излеани солзи што направиле длабоки браздите по брегот. Бразди што како лузни на старо лице, стојат само како нем сведок за некогашната негова големина. Алгите во него изгледаат како гурелки во очи кои ни солзите што ги лее не можат да ги измијат.
Перипетија
Полека го оставаме зад себе Расплаканото Езеро и се движиме кон врвот Стрижек. Сите како да сакаме да заборавиме, да ги оставиме зад нас лошите спомени и ужасите кои ги видовме, па чисто да ги оттргнеме мислите дебатираме од каде доаѓа името на врвот Стрижек и дали може ветерот таму горе многу стриже. И додека уживам во прекрасниот поглед од врвот, не можам да се освестам и уште да поверувам дека некој може да биде толку себичен и без грам совест да зема и цица од мајката природа. Не сакам да верувам дека се сведовме на тесноградост, себичност и егоизам, па не интересираат и протестираме само за работи што нас лично не засегаат. Си велам, па и дете, па и бебе од мајка цело млеко не го исцицува. И станувам сигурен во едно нешто, се додека кон мајка природа се однесуваме со „кој те шиша“, еден ден сите ќе станеме овци и таа ќе не истриже.
Расплет
Сакам да верувам дека може да се смениме. Во спротивно, расплетот се повеќе ќе личи на мелодрама и сите по не знам кој пат ќе изгубиме уште една драгоцена природна убавина, а Лабуништа, од високото и милозвучно ЛА, што дава и малку Шпански призвук, ќе падне на ниското ДО и ќе стане селото ДО Буниште, село низ кое ретко кој ќе сака да наврати или пак само да помине за да го посети овој предел, освен можеби некој случаен минувач кој ќе сaка да ја разбере смислата на онаа наша народна поговорка „роди ме мајко, фрлиме на БУНИШТЕ“.
И за крај, да не бидам погрешно разбран, го поддржувам протестот на жителите на Лабуништа против Каменоломот, но не можам да останам рамнодушен и да не реагирам бидејќи нема никаков протест и за Бетонската Шума, никаква реакција и обид за спас на Расплаканото Езеро. Дали некогаш ќе разбереме дека работите треба да се прават несебично и со усул. И да, многу милуваат да кажат „нема добро без лошо исто како што нема и лошо без добро“, но за се има граници, за се треба да има баланс, како што јас се обидувам да направам баланс помеѓу прекрасните чувства од посетата на Јабланица, но и горчливото искуство што го доживеав по патот за да го видам прекрасното лице на Јабланица.
П.С. За сите Вас кои издржавте да ја прочитате оваа приказна драма, однапред Ви се извинувам што нема слики од Каменоломот и Бетонската Шума, едноставно премногу вакви глетки се изнагледаме кај нас (Пресечениот Врв на Водно т.е. Сончевиот град, Засеченото Брдо на патот Скопје – Тетово во близина на Групчин…). Сепак, може да ги видите сликите од Расплаканото Езеро, кое иако жално плаче и ги лее можеби последните солзи над својата судбина, уште е прекрасно и плени со својата убавина. За сите други, уживајте во нашите убавини и прекрасните предели кои ги имаме.
Лазо Димитров
(The momentum)
Галеријата подолу: