Македонија2025: Уште едно одлично издание на Охрид Кампот за високотехнолошка извонредност

На 13 јули 2024 година, успешно заврши четвртото издание на Охрид кампот за високотехнолошка извонредност, кој ќе се одржи од 7 до 13 јули 2024 година во Охрид.

Кампот за високо-технолошка извонредност беше еднонеделна програма за унапредување на вештини по роботика, програмирање и кодирање, кој е комбинација на традиционална летна забава со можност за учење, заедничко вежбање и споделување на искуства за кодирање и роботика. Преку посветеност и натпревар на идеи, фокус на решавање проблеми, чувство на акција, размислување out-of-the-box и соработка (работа во парови/групи), ги охрабрувавме и поттикнувавме учесниците да постигнат мотивирачки резултати и да креираат модели согласно шеми. Учесниците беа изложени на напредни технологии и современи методи, кои ги подготвуваа за идните предизвици во високотехнолошкиот свет, да го подобрат на дигиталното владеење на преку унапредување на нивните вештини за кодирање, програмирање и роботика (вештини за висока технологија) и во крајна линија да придонесеме кон поттикнување на нивниот интерес за продлабочување на СТЕМ образованието и развој на кариера во оваа област.

Од друга страна, специфичноста на овој проект е дадената можност да се запознаат и соберат млади луѓе од 11-15 години со македонско потекло и млади од нашата земја, да воспостават долготрајни пријателства и да ја зајакнат и да ја градат својата родна македонска култура, но и чувството за одговорност и враќањето кон заедница. Преку подобрување на нивното познавање на јазикот, истражување на природата и културното наследство и доживување на македонската кујна и специјалитети, учесниците добија уникатно искуство кое ќе го паметат целиот живот. Особено бевме среќни што изминативе години успеавме да имаме учесници од САД, Канада, Словенија, Хрватска, Германија, Катар, Австрија, Данска, Кипар и други земји. Оваа година, бевме домаќини на 21 дете од Македонија и од дијаспората, вклучувајќи учесници од САД, Катар, Италија, Хрватска, Шведска и Малта.

Kампот, како и изминатите три години, е под покровителство на Претседателот на државата. Оваа година имавме задоволство по прв пат да бидеме домаќини на Претседателката Силјановска Давкова и да и ги претставиме изработените модили.  При посетата таа на нашите учесници им порача “Со стекнатите искуства и знаења, вие сте најмладите амбасадори и промотори на Македонија. Ви посакувам секогаш да размислувате позитивно, да продолжите да се надградувате и да се изградите во лидери со самодоверба, но и самокритичност, кои ќе создаваат подобра иднина со употреба на технологијата.„ Самото доделување на сертификатите за учество на Кампот од страна на претседателката веруваме дека е дополнителен мотив и поттик за нашите млади иноватори нагласувајќи го значењето на млади таленти и негувањето на културата на иновациите во Македонија.

Огромна благодарност на нашите повеќегодишни поддржувачи и партнери: национална установа „Охридско лето„, Алкалоид, Триглав АД Осигурување, Костал Македдонија, ВФП инвестициски фонд, ⋮IWConnect, ИтЛабс, МакПрогрес (Винчини), Фруктал МК и индивидуалци од земјава и дијаспората кои ја поддржуваат нашата мисија. Од друга страна, кампот не би бил целосен без нашите сертифицирани програмски партнери, и тоа: Young Engineers (the Robotic & Innovative Academy) и МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (Brainster и iSourse). Само заедно, можеме да направиме значително влијание во зајакнувањето на вештините на младите таленти од социјално ранливи средини, поттикнувањето на иновациите и обликувањето на посветла иднина за Македонија.

Повеќе за програмата и споделените искуства на учесници од изминативе години може да најдете на следниот линк: https://www.macedonia2025.com/ohrid-hi-tech-excellence-camp/.

Завршувањето на четвртиот Oхрид Камп за високотехнолошка извонредност ни донесе огромна радост и гордост. Продолжуваме со посветеност кон развивање на идните генерации и нивните вештини, и со нетрпение го очекуваме следниот камп.

 

Извор