„Чувството е одлично да се израдува македонската јавност. Во моментов сум под импресии и не можам да кажам ништо повеќе“, изјави за „Сител“ таеквондистот Дејан Георгиевски, кој денеска ја однесе Македонија во финалето на Олимписките игри во Токио, каде атакуваше на златото против Русинот Владислав Ларин.
Иако беше поразен (со резултат од 15:9) и се закити „само“ со сребро, Георгиевски го постигна, како што посочија од Македонскиот олимписки комитет, најголемиот олимписки и спортски успех од независноста на македонската држава, носејќи ѝ го првото олимписко сребро и вкупно втор олимписки медал од осамостојувањето по оној бронзениот во борење на натурализираниот Азербејџанец Могамед Ибрагимов од Сиднеј 2000 година.
Георгиевски посочи дека клучен момент на патот до сребрениот медал и најголем предизвик била токму првата борба, против актуелниот светски првак – Кубанецот Алба Кастиљо, во која, како што рече, „го скршил мразот“. Сепак, потврди дека, како што вети и пред да замине на ЛОИ во Токио (види видео), целта му била да ги победи сите, иако се работи за најдобрите.
Во изјава за МТВ, пак, 22-годишниот Георгиевски „изрази жалење“ што не го освоил златото, потенцирајќи дека во финалната борба пресудни биле моменти, но сепак најави нови предизвици и нови походи.
Тоа го најавија и од МОК, во честитката до него за освојувањето на олимпиското сребро:
„Златното момче Македонче ќе се подготвува за Олимписките игри во Париз 2024 и за уште многу други олимписки, светски и европски медали. Дејан, горди сме на тебе, горди сме што живееме во твојата Олимписка ера“, порачаа од Македонскиот олимписки комитет, откако честитки и пофалби за Георгиевски стигнаа од сите страни во државава, вклучително и претседателот и премиерот.
До финалето, Георгиевски стигна преку четвртфиналната победа против Сајду Гбане од Брегот на Слоновата Коска (9:4) и полуфиналниот триумф над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја (12:6).