Македонија ги доби противниците на Евробаскет 2013

Македонската кошаркарска репрезентација на Евробаскет 2013 во Словенија идната година ќе игра во групата Б со селекциите на Литванија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Летонија и Србија.

Ова е епилогот на денешниот ждреб што се одржа во Постоинска јама, каде при извлекувањето на селекциите помагаа познати кошаркарски имиња како Иво Данеу, Ибрахим Кутлај, Петер Вилфан, Хорхе Гарбахоса, Александар Волков и Рашо Нестеровиќ.

Во групата Б нѐ очекуваат балканско – балтички пресметки со селекции кои што веќе ни се добри познаници. Така, Литванците сѐ уште ги паметат поразите од „Црвено-жолтите“, а секако нашиот иден селектор лесно ќе може да добие информации и за Црна Гора, БиХ и Србија.

Во нашата група се наоѓа и репрезентацијата на Летонија. Не се оствари желбата на раководството на МКФ, натпреварите да се играат во Копер, со оглед дека групата на Македонија ќе биде сместена во Јесенице.

Во наредниот период, раководството на МКФ ќе треба да пронајде адекватно решение за селекторската позиција, откако таа се испразни со повлекувањето на Марјан Лазовски. Претходно, Македонија имаше одлични резултати на Евробаскет 2011 со Марин Докузовски на кормилото.

- Реклама -