Македонија преку Бугарија ќе добива 500.000 кубни метри гас дневно

Денеска во Софија беше потпишан Договор за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на Интерконективна точка Ќустендил-Жидилово помеѓу ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД. Со тоа, се овозможува Македонија, преку Бугарија, да се снабдува со гас од повеќе извори.

Договорот го потпишаа извршниот директор на ГА-МА АД Скопје – Александар Арсиќ, и извршниот директор на Булгартрансгаз – Владимир Малинов, а присуствуваше и извршниот директор на Национални енергетски ресурси АД Скопје, Бајрам Реџепи. Документот беше потпишан во присуство на министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за енергетика на Бугарија – Росен Христов, и македонската амбасадорка во Софија – Агнеса Руси-Поповска.

„Потпишувањето на овој договор е од големо значење бидејќи отвора можност за зголемување на сегашниот капацитет на гасоводот со Бугарија, како и ослободување на дополнителни капацитети за користење од повеќе снабдувачи и диверсификација на нашите извори на снабдување, како и користење на сите извори што во моментов се присутни на пазарот на природен гас во Република Бугарија“, изјави министерот за економија Бектеши на потпишувањето на договорот.

Малинов, пак, истакна дека документот е резултат на долгогодишна работа и се потпишува во време кога земјава ќе има можност да ги диверзифицира изворите и добавувачите на природен гас. Според него, тоа е резултат на патната карта што е нацртана заедно со колегите од Скопје.

„Тие ќе можат да испорачуваат течен природен гас и да го користат нашето складиште во Чирен“, додаде Малинов, посочувајќи дека ќе се користи постојната инфраструктура, како и дека во Македонија ќе се пренесуваат 500.000 кубни метри природен гас дневно.

Со договорот, подготвуван долго време, се постигнува либерализација на пазарот на природен гас за Северна Македонија, оцени Арсиќ.

Договорот меѓу ГА-МА АД и Булгартрансгаз детално ги одредува условите, оперативните процедури и одредби во врска со испораката на природен гас на точката на интерконекција на македонско-бугарската граница на Интерконективната точка Ќустендил -Жидилово, со цел да се олесни ефикасната интероперабилност на меѓусебно поврзаната преносна мрежа. Конкретно, со договорот се регулира зголемување на притисокот на компресорската станица. Техничкиот капацитет на точка на испорака ќе биде 3.044.000 нормални кубни метри, што значи дека техничкиот капацитет ќе се зголеми за 500.000 нормални кубни метри со можност за ослободување на дополнителни неискористени сегашни капацитети.

Со договорот исто така се менува методологијата за пресметка на количината на гас и начинот на определување на квалитетот на гасот и негова анализа и редовна проверка, односно мерењето на енергијата ќе се пресметува во киловат часови [kWh] наместо досегашните стандардни кубни метри на референтна температура од 20℃ [nm3].

Опсегот на дозволениот состав на гасот се зголемува, со што се овозможува увоз на гас од различни извори.

Минимално/максимално дозволените вредности на составот на гасот се изедначени со оние на соседите Грција и Бугарија, каде е и возможен влез на гас од други извори. Се определува времето на почеток на гасен ден наместо досегашниот 08:00 рm (20:00 часот) да биде 06:00 pm (18:00 часот), заради прилагодување на ЕУ нормите.

Почетокот на имплементација е договорен да биде од 01.01.2023. Периодот до почетокот на имплементација ќе биде искористен како тест период помеѓу двата оператори, при што ќе треба и практично да се разработат сите процедури на работа. Во меѓувреме треба да се потпишат нови договори со снабдувачите и корисниците и да се усвојат нови правила на работа.

Извор: МИА

- Реклама -