Македонската кошаркарска репрезентација беше непријатно изненадена на самиот старт од предолимпискиот турнир во Венецуела, откако претрпе неочекуван пораз од Ангола од 88:84.
Избраниците на селекторот Лазовски воопшто не ја оправдаа улогата на фаворити, им дозволија на пониските противници целосно да доминираат во битката под обрачите и со наведнати глави го напуштија теренот во Каракас. Огромното разочарување уште на стартот ја оддалечува Македонија од олимпискиот сон, па сега за пласман во четвртфиналето вечерва (20 часот) ќе мора да се забележи триумф над Нов Зеланд.
Дуелот почна со неколку реализирани напади на Самарџиски, но уште од самиот почеток стана очигледно дека ќе имаме големи проблеми со одбраната. Ангола од најразлични позиции го полнеше нашиот кош, а кога проработе и шутот од далечина на противникот, ситуацијата веќе стана алармантна со оглед на фактот дека резултатот гласеше 19:29.
Дури тогаш селекторот Лазовски се реши да го земе првиот тајмаут, но и тоа не вроди со плод, Ангола погоди тројка во самиот финиш од првата четвртина, па по десет минути игра резултатот гласеше 21:32.
Лестер Бо Мекејлеб постигна шест брзи поени за да ја врати Македонија на минус пет, но повторно следеше слаба игра во одбраната на нашите кошаркари. Ангола продолжи со шутерското шоу, а и оние малку шутеви што ги промашија, африканските кошаркари ги надополнија со офанзивни скокови во дуелите со индиферентните македонски центри. По 15 минути игра резултатот беше 41:29, а најзаслужен за убедливото водство на Ангола беше Карлош Мораиш со 13 поени, но и со стопроцентен ефект од поле.
Шокот стана уште поголем, нашите кошаркари продолжија залудно да шутираат од далечина, Ангола ја казнуваше секоја нивна грешка, па водството на противникот достигна и преубедливи 17 поени разлика (46:29). Токму тој резултат како малку да ги разбуди македонските репрезентативци, Илиевски, Мекејлеб и Војдан Стојановски погодија од далечина и негативата повторно се спушти под десет (46:38).
Сепак, следеше тајмаут на Ангола, по што Африканците се вратија во ритам, повторно влегоа во серија и го завршија полувремето со одлична предност од 53:40. Мора да се напомене извонредниот шут од далечина на противникот, којшто во овие дваесет минути игра погоди девет тројки од тринаесет обиди, како и целосната доминација на Ангола во битката под обрачите, со 20 скокови на оваа селекција наспроти само девет на Македонија.
И во второто полувреме во неколку наврати врзавме поени во серија, но во клучните моменти не го затворавме рекетот како што треба, па Ангола по офанзивни скокови ја сочувуваше предноста на преку десет поени.
Во вистински момент во четвртата четвртина проработе Лестер Бо Мекејлеб, кој со тројката на пет и пол минути на крајот намали на 76:70, пред Самарџиски со новиот офанзивен скок да намали на 76:72. Илиевски умешно украде топка на две и пол минути до крајот, па преку Гечевски намаливме на 80-78, но потоа следеше реализација на противникот, па нова промашена тројка на Антиќ, за во следниот напад да му дозволиме на противникот дури три офанзивни скокови.
Сиприано ја казни заспаноста на нашата одбрана и погоди за 84:78, со што Ангола доби удобна предност во финишот. Следеа четири реализирани слободни фрлања на Мекејлеб и Антиќ, но африканските кошаркари беа прецизни во самата завршница и на крајот сосема заслужено се радуваа на победата од 88:84.
Лестер Бо Мекејлеб со 21 поен беше најпрецизен во таборот на Македонија, четири повеќе од Перо Антиќ, додека Војдан Стојановски, Илиевски и Самарџиски постигнаа по 12 поени. Мингас со 24 поени беше најпрецизен кај Ангола, Сиприано постигна 23, додека Мораиш го заврши мечот со 18 постигнати поени.