Македонија останува „хибриден режим“, назадува во владеење на правото и попушта пред упорната корупција – оценува „Фридом Хаус“

Македонија останува хибриден режим и во најновиот извештај на Фридом Хаус „Нации во транзит“. Фридом Хаус во таа категорија става 11 држави, кои имаат карактеристики на автократија и демократија. Бидејќи не припаѓаат на ниеден од двата блока целосно, нивните институции се ранливи, што во 2023 довело до поголемо назадување отколку напрадување, се вели во извештајот.

– Во Западен Балкан тоа било особено нагласено. Во Србија имало „историско назадување. се вели извештајот, пред се` заради напорите на претседателот Александар Вучиќ за консолидирање на моќта во 2023. Но, Северна Македонија е веднаш зад Србија. Во Северна Македонија има најголем пад во регионот после Србија. Годината беше обележана со политичка поларизација и меѓупартиска борба во владејачката коалиција, како и со опозицијата. Главната опозициска партија, продолжи да игра нагласено опструктивна улога, вели за Гласот на Америка Александра Карпи, која е една од двајцата изработувачи на извештајот.

Македонија страдала од назадување во примената на принципот на владеење на правото и попуштила пред упорната корупција на високо ниво, додека политичките партии влегле во конфронтација во врска со уставните амандмани наложени од бугарското вето што ги попречува напорите на државата да влезе во Европската унија.

Осврнувајќи се на Македонија поконкретно, извештајот вели дека државата е „цикличен хибрид“, што се карактеризира со редовни промени во владејачката елита коишто не дозволуваат со време да дојде до суштинска структурна промена. Станува збор за „комбинација на реален политички плурализам и површни институционални промени“, објаснува Фридом Хаус илустрирајќи го тоа во случајот на Македонија со примерот на поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство од 2017.

– Ниту тој, ниту неговите најблиски соработници, не се изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата. Уште полошо, со контроверзните промени на Кривичниот законик во 2023 се намалија казните за вакви злоупотреби, со што големи случаи беа отфрлени додека јавноста уште не се опоравила од фаталните коруптивни скандали во здравствениот сектор, вели Карпи.

Тоа, според неа покажува колку е исполитизиран судскиот систем.

– Годинава имаше низа скандали во правосудниот систем, како со Државниот судски совет, а потоа и со неговиот шеф. Сето ова го отсликува неуспехот на судските и антикорупциските органи кои треба да им служат на граѓаните. Мислам дека во моментов во Северна Македонија кај македонските граѓани преовладува чувството дека овие институции не работат да му служат народот, туку на одррредени поединци, наведува Карпи.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„Во Северна Македонија, надежите што се зголемија во 2017 година по соборувањето на антидемократскиот премиер Никола Груевски допрва треба да се остварат“, се вели во извештајот.

– За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде позначајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку исти партии, како што беше со децении. Националистичката партија на Груевски ја опструираше работата на парламентот додека беше опозиција и сега е фаворит да победи на изборите во 2024 година, наведува Фридом Хаус во годишиот извештај.

Од другите земји во регионот, извештајот посочува на повторното криминализирање на клеветата во Република Српска, во Босна и Херцеговина, како дел од серијата загрижувачки закони што натамошно ја ограничуваат слободата на говорот и создаваат дополнителен притисок врз новинарите. Црна Гора, каде сè уште се чувствуваат последиците од уставната криза во 2022 година, се бореше со нефункционалните и корумпирани општински власти во отсуство на национална стабилност.

Во меѓувреме, оценките за Унгарија, Грузија и Косово останаа непроменети, и покрај турбулентната година за граѓанското општество.

Полска е издвоена во извештајот на Фридом Хаус како држава во која се случил „вистински демократски пробив“, кога голем број граѓани „излегоа да го искористат своето најфундаментално политичко право за да го исцртаат идниот курс на својата земја“.

– Новата влада има пристап до изобилство на примери од нејзиното соседство, каде што повеќе држави веќе се обидоа – со различен успех – да ја надминат штетата направена врз институциите од нелибералните лидери. Искуствата на Словенија, Чешка и Словачка ги покажуваат тешкотиите, стапиците и компромисите со кои ќе се соочи Полска, но тие носат и важни лекции за тоа како да се опорави од долгогодишното популистичко, погрешно владеење“, се вели во извештајот.

Фридом Хаус потенцира дека генерално демократското владеење опаднало 20-та година по ред во 2023 и дека е во тек геополитичко преуредување во регионот што се протега од Централна Европа до Централна Азија.

- Реклама -