Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во четвртфиналето на предолимпискиот турнир во Каракас, откако убедливо славеше против селекцијата на Нов Зеланд на вториот натпревар од Групата Д со 84:62.
По првиот пораз од Ангола нашите кошаркари во голема мера очекувано стигнаа до триумф против објективно најслабата селекција во групата која во ниту еден момент не беше сериозен противник на составот на Марјан Лазовски.
Од самиот старт, наметнувајќи агресивен ритам поведовме со 9:0 па постојано зголемувајќи ја предноста во континуитет, првата четвртина ја завршивме со 15 поени разлика (26:11). Во игра во која повторно обидите за три поени беа наша интенција, на моменти апсолутно непотребна со честа нереализација, му дозволувавме на противникот да ја одржува негативата иако факт е дека немаше одговор за расположените Меккејлеб, Антиќ и Гечевски.
Откако полувремето го добивме со 44:31, во вториот дел дозволувајќи си извесна опуштеност им овозможивме на Новозеланѓаните да дојдат на почетокот од последниот период негатива и од девет поени, но тоа беше сè од недораснатиот противник. Во 34. минута стигнавме до најубедливата предност до тој момент од 21 поен (72:51) по што веќе апсолутно беше јасно кој е кој во моментов на светската кошаркарска сцена.
Најефикасен во нашиот тим повторно беше Лестер Бо Меккејлеб со 23 поени, дополнети и со 11 асистенции, додека Перо Антиќ на крајот заврши со 17 поени. Тодор Гечевски запиша 16 поени, Владо Илиевски – девет, и Дамјан Стојановски шест поени.
Македонија сега ќе го очекува својот противник во четвртфиналето на квалификацискиот турнир во Каракас. Во зависност од резултатот на дуелот меѓу Ангола и Нов Зеланд што ќе се одигра денес, ќе ја знаеме својата позиција во Групата Д (сè уште со можност за освојување и на првото место), најверојатно втори и ќе играме со првопласираната селекција од Групата Ц. За првото место во Групата Ц денес ќе одлучува дуелот меѓу Русија и Доминиканската Република.