Македонија е носител на Евробаскет 2013

Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе има уште поголеми шанси за добар успех на Евробаскет 2013 во Словенија откако „Црвено-жолтите“ беа сместени меѓу носителите, во првиот шешир, при ждрепката за извлекување на групите закажана за 18 ноември.

Извонредниот настап на Евробаскет 2011 во Литванија и историското четврто место беше главна причина за ФИБА Европа така високо да ја оцени нашата репрезентација, којашто се најде рамо до рамо со велесилите Шпанија, Франција и Русија, ривали со кои што сигурно нема да се сретнеме во фазата по групи.

Во една таква ситуација, најсериозен противник на македонските кошаркари би им била една од селекциите во вториот шешир, односно Литванија, Грција, Словенија и Велика Британија. Со оглед на фактот дека сите овие репрезентации беа совладани за време на Евробаскет 2011 (Британците во текот на квалификациите), јасно е зошто ваквото рангирање на македонскиот национален тим значи и огромно зголемување на шансите за висок пласман.

Според пропозициите, на ждрепката на 18 ноември ќе бидат извлечени четири групи од по шест репрезентации, а најдобрите три ќе се пласираат во следната фаза и ќе вкрстат со трите најдобри селекции од една од останатите групи. Од новите групи од по шест селекции, најдобрите четири ќе обезбедат пласман во четвртфиналето, каде што се тргнува со дуели во нокаут-фазата и секој пораз ќе значи пакување на куферите.

  • ШЕШИР 1: Македонија, Шпанија, Франција, Русија
  • ШЕШИР 2: Литванија, Грција, Словенија, В. Британија
  • ШЕШИР 3: Италија, Хрватска, Германија, Црна гора
  • ШЕШИР 4: Финска, Полска, Украина, БиХ
  • ШЕШИР 5: Грузија, Белгија, Летонија, Турција
  • ШЕШИР 6: Чешка, Србија, Израел, Шведска.
- Реклама -