Македонија одигра нерешено, 29-29 против Русија во натпреварот од четвртото коло од групата Б на мундијалот во Шпанија. „Црвено-жолтите“ беа во негатива во поголем дел од мечот, но покажаа фантастичен карактер, одиграа максимално ангажирано и сосема заслужено стигнаа до бод. Гоце Георгиевски беше херојот постигнувајќи го израмнувачкиот погодок на дваесетина секунди до крајот на асистенција на Кире Лазаров, кој беше наш најдобар стрелец со десет гола.
Како што впрочем и најавуваа во пресрет на мечот, нашите ракометари овојпат делуваа многу посигурно во фазата на напад, реализирајќи ги своите први два напади преку Кире Лазаров и Стоилов. Сепак, и Русите исто така беа расположени за постигнување голови, па по три минути игра резултатот гласеше 2-3 за противникот. „Зборнаја“ ги казнуваше нашите грешки, па со брзи противнапади поведе и со 3-6, а дополнителен проблем претставуваше исклучувањето на Дејан Манасков.
Успеавме да издржиме во тие две минути (0-0), Мојсовски намали на 4-6 но се продолжи со погрешните додавања до Стоилов (три за десет минути), Русите повторно експресно казнија (4-7), па Шундовски се реши да земе тајмаут. Советите на нашиот селектор вродија со плод, Стоилов постигна два гола, Мојсовски уште еден и стигнавме до израмнување (7-7).
По првото исклучување на Русите, нашите ракометари знаеја како да ја искористат предноста од ракометар повеќе, постигнаа два гола и донесоа предност од 9-8, принудувајќи го Олег Кулешов да земе минута одмор. Јоноски заработи исклучување, но и со ракометар помалку постигнавме два гола преку браќата Лазарови и ја задржавме минималната предност. Преку Велко Маркоски ја реализиравме првата контра на мечот и прв пат поведовме со два гола разлика (12-10), но потоа дојде до пад во играта што противникот го искористи постигнувајќи три брзи гола за ново водство од 12-13.
Темелков беше исклучен, па рускиот состав го искористи тоа и повторно поведе со три гола разлика (13-16). Следеше и промашен пенал на нашиот капитен Кире Лазаров, потоа не искористивме и напад со ракометар повеќе, па на одмор се замина со тој резултат и три гола за надополнување во второто полувреме.
Предноста од играч повеќе ја искористивме во вториот обид во второто полувреме, па преку Манасков намаливме на 14-16. Сепак, потоа рускиот голман имаше три одлични интервенции во низа, што им овозможи на нашите противници да продолжат да ја зголемуваат предноста и веќе во 35. минута да поведат со 14-19. Кога Дибиров реализираше и во моментите кога Русија беше со играч помалку за 14-20, се чинеше дека нашите ракометари тешко ќе можат да се вратат во овој натпревар. Атмосферата за момент се крена по додавањето од зад грб на Лазаров за лесна реализација на Стоилов, но на спротивната страна Русите од „брз центар“ реализираа преку Дибиров. Соработката меѓу Лазаров и Стоилов повторно беше на ниво, и двајцата постигнаа по еден гол, намалувајќи на 19-22 и притоа изнудувајќи исклучување на Чипурин.
Таа предност од ракометар повеќе не беше искористена најдобро, Русите набрзо поведоа со 21-25, но добивме нова можност откако Стоилов изнуди пенал и исклучување на Растворцев. Овојпат делувавме многу пофокусирано, постигнавме три гола во низа преку Лазаров (од пенал), Миркуловски и Ангеловски погодија важни шутеви и се приближивме на 24-25. Имавме и напад за израмнување, но наивно загубената топка беше претворена во лесен гол од контра на Русите. Ангеловски продолжи со одлична игра во одбрана, како и во текот на целиот меч, па по неговата украдена топка и асистенција Манасков од контра реализираше за 26-26, на девет минути до крајот на средбата.
Во моментите кога се решаваше победникот судиите два пати во рок од две минути досудија престап од Дејан Манасков, овозможувајќи им на противниците да поведат со 26-28 на две и пол минути до крајот. Судиските неправди го мотивираа Манасков експресно да погоди за 27-28, но Русите го реализираа и следниот напад (на раб на пасивен). Шанса се појави на минута и дваесет секунди до крајот, откако беше досуден пенал за нас и Шишкраев заработи исклучување од две минути. Лазаров погоди од седум метри, на спротивната страна Митревски уште еднаш извонредно интервенираше, па Шундовски зеде тајмаут на 35 секунди до крајот за да го постави последниот напад на „црвено-жолтите“. Лазаров маестрално го проигра Георгиевски, а овој млад ракометар максимално искусно ја смести топката во мрежата на Русите за еуфорија меѓу македонските навивачи во Севилја. Дојде ред на Кулешов да земе тајмаут, а Русите во последниот напад воопшто не упатија удар, задоволни од конечните 29-29.
Кире Лазаров беше најдобар стрелец во нашите редови со десет гола, Стоилов постигна пет, а Манасков четири погодоци. По овој резултат, нашите ракометари сега треба да слават во последното коло против Данска за да го избегнат четвртото место во групата, но по играта прикажана денеска, особено во второто полувреме, јасно е дека „црвено-жолтите“ имаат капацитет за такво нешто.