Светскиот конгрес за женско претприемништво (21-25.09) во моментов се оддржува во Таипеј, Тајван во присуство на преку 150 жени делегати од 120 земји од светот.
Конгресот е во организација на светската мрежа FCEM – интернационална невладина организација за жени претприемачи, која е основана пред 60 години во Франција. Конгресот е продолжение на саемот за женско претприемништво кој се оддржа во Април, оваа година во Дубровник, Хрватска, каде Здружението на бизнис жени од Македонија водено од Валентина Дисоска како претседател, со посебни признанија стана член на Светската организација на бизнис жени FCEM.
Агендата на настанот, вклучува презентации, работилници и панели кои се фокусирани на развојот на женското претприемништво во светски рамки, како сегмент кој има потенцијал за зголемен развој, како и вмрежувањето, соработката и размената на искуства од различни земји и региони. Женското претприемништво, според FCEM е сегмент кој заслужува посебно внимание и може да допринесе за поефикасно совладување на последиците од светската економска криза на глобално ниво, како и на економскиот развој на секој регион и национална економија.
Свое обраќање, вчера (23.09) имаше и делегатот од Македонија, Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени од Мaкедонија, која истакна дека ,,женското претприемништво во РМ процентуално е во рамките на европскиот просек, со нешто повеќе од 30% компании основани од жени, но основен проблем ни е големината и изнаоѓањето решение како тие компании да имаат поголем профит, како да се справуваат со кризните сктуации и како да прераснат од микро во мали претпријатија,,. Дисовска во своето обраќање нагласи дека Здружението на бизнис жени за своето постоење од 4 години успеа да ја подигне свеста на темата женско претприемништво, при тоа достигнувајќи препознатливoст во национални ,регионални па и светски рамки. ,,Веруваме дека со заедничка работа и залагање јакнењето на женското претприемништво е неминовно и тоа на три основи или три “P”, Personality, policy i product development.,, додаде Дисовска.
На овој светски конгрес, обраќањето на претседателката Дисоска, како и учеството на Здружението на бизнис жени е под уставното име Република Македонија.
Здружението на бизнис жени на Македонија, води континуирана програма за интеграција на жените во сите општествени сфери, активирајќи ја жената како економски независен носител на општествениот развој преку конференции, едукација и проекти.
Со вклучувањето на светскиот конгрес во Тајван, како и со останатите проекти со локален и интернационален карактер, Здружението на бизнис жени од Македонија се потенцира дека прашањето на женското лидерство има силна економска природа и е од посебно значење за економскиот развој на секоја држава.
Повеќе информации за настанот:
http://www.fcem-taiwan2014.com/ezinfo/front/bin/home.phtml/