Членовите на групата „Дубиоза колектив“ од БиХ ги повикаа фановите да потпишат петиција за нивно учество на Изборот за песна на Евровизија, што ќе се одржи во мај во Ливерпул.
Како што се наведува во петицијата, бендот сака да настапи како претставник на оние кои нема да имаат свој претставник, а тоа се Црна Гора, Македонија, Бугарија, Словачка, Унгарија и Турција, заедно со Босна и Херцеговина, која поради неплатени долгови кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ) седум години не учествува на Евровизија.
Од бендот посочуваат дека со потпишување на петицијата се приклучувате кон колективното барање ЕБУ да дозволи „Дубиоза колектив“ да има триминутен настап во име на „непретставуваните“, и тоа под знаме на, како што велат, „Апсурдистан“.
„Дубиоза колектив ќе пее под знамето на Апсурдистан. Дубиоза колектив не сака да се натпреварува, туку сака да учествува“, се потенцира во петицијата.