За првпат во својата фудбалска историја, Македонија обезбеди настап и ќе биде дел од Европското фудбалско првенство што ќе започне на 11 јуни 2021 година, откако македонската репрезентација ја победи Грузија со 0-1 во финалето на плејофот на Лигата на нации во Тбилиси.
Во првото полувреме и двете репрезентации не покажаа нешто посебно. Се играше пред сѐ внимателно и со една цел – пласман на европското првенство. Сепак, грузиската репрезентација играше со нијанса посилен интензитет, оставајќи простор за грижа кај македонските фудбалери и публика.
Во второто полувреме како да истрча друга македонска репрезентација, а особено откако во 56-тата минута, по заедничка акција со Елмас и Несторовски, токму капитенот Пандев ја затресе мрежата на Грузија за водство со еден гол.
Од овој момент натаму, Грузијците играа во уште поголем грч од оној во првото полувреме и не направија ништо конкретно. Македонските фудбалери, од друга страна, од минута во минута делуваа сѐ посамоуверено, иако без некоја позначајна амбиција за втор гол за запечатување на натпреварот.
Па така, во последните минути од мечот, видливо беше нетрпеливото очекување на судискиот свиреж. Кога тоа се случи, еруптираше славјето, а капитенот Пандев, кој го постигна 36. гол во 114 натпревари за националниот тим, не можеше да ги сокрие солзите.
Првите два натпревари на Европското првенство, во групата Ц, Македонија ќе ги игра во Букурешт, на 13 јуни против Австрија и на 17 јуни со Украина. На 21 јуни, во Амстердам, македонската фудбалска репрезентација ќе се соочи со Холандија