Македонија мора да му плати 21.5 милиони евра отштета на „Хеленик Петролеум“, за Владата позитивно е што тоа е половина од бараниот износ

Македонија треба да му плати отштета од 21.5 милиони евра на грчки „Хеленик Петролеум“, пресуди Арбитражниот суд во Париз, а тоа денеска го потврди и советникот за енергетика во Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски, Виктор Андонов, откако пресудата „пред два-три дена“ пристигнала до Владата и во моментов ја разгледува и анализира ангажираниот адвокатски тим.

Според Владата, меѓутоа, пресудата претставува делумен успех, бидејќи е преполовен износот од првичното барање за отштета од страна на грчката компанија. За споредба, дел од грчките и француските медиуми објавија дека „судот пресудил во корист на грчката компанија“ и дека земјава ќе треба да плати оштета од околу 25.5 милиони евра.

„Вкупното оштетно побарување кон Република Северна Македонија, заедно со каматите за периодот 2008-2011 година, изнесуваат 42 милиони и 646 илјади евра. Согласно пресудата, оштетното побарување кое е пресудено од страна на Арбитражниот суд во Париз е за 50 проценти пониско од првичното барање, односно оштетното побарување пресудено од Судот изнесува 21 милион 478 илјади 799 евра, што значи дека нашиот адвокатски тим се изборил за преполовување на бараниот износ“, рече Андонов на прес-конференцијата.

Тој посочи дека адвокатскиот тим од Франција што го има ангажирано Владата ја разгледува пресудата и дека по завршување на тој процес ќе бидат познати следните чекори што ќе се преземат.

„Адвокатскиот тим, кој е ангажиран од Владата и нѐ застапува, а тоа е ‘Дехерт’ од Франција, ја разгледува и ја анализира пресудата. По завршување на тој процес, заедно со Координативното тело кое е задолжено за арбитражните постапки, ќе ѝ предложат на Владата соодветни чекори што ќе се преземат во однос на објавувањето на пресудата“, рече Андонов.

И премиерот Ковачевски, на новинарско прашање, рече дека пресудата се анализира и јавноста ќе биде соодветно информирана.

„Тоа е договорот од времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи прави соодветна информација и анализа за овој случај и штом таа биде готова, ќе биде доставена до Владата и до медиумите“, рече Ковачевски од Куманово.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Грчката нафтена компанија ја тужеше Македонија поради непочитување на обврските произлезени од купопродажниот договор на рафинеријата „Окта“ склучен во 1999 година во времето на владата на Љубчо Георгиевски (со кој Македонија се обврза во наредните 20 години годишно да купува 500.000 тони нафта), а во врска со набавка на минимално договорените количини мазут во периодот од 2008 до 2011 година.

По тој повод се огласи и ВМРО-НП, чиј лидер е Георгиевски, со цел, како што рекоа од таму, „да појаснат неколку работи“, главно дека Македонија, како што тврдат, не е тужена поради склучувањето на договорот, туку поради прекршување на истиот непосредно пред да истече.

„Казната против Северна Македонија не е донесена затоа што е потпишан договорот, туку затоа што еднострано е раскинат од страна на Северна Македонија. Имено, на една година пред истекувањето на петгодишнипот монопол, Уставниот суд на Северна Македонија се прогласи за надлежен дека може да раскинува меѓународни договори, иако низ сите други случаеви на меѓународни договори во кои има стапено Македонија се има прогласувано дека е ненадлежен.

На тој начин, само заради нетрпеливоста да се почека уште една година од договорот која треба да помине, Северна Македонија се доведува во крајно непријатна ситуација“, тврдат од партијата.

„Во исто време сакаме да потсетиме дека од тогаш па до денес 90% од мазутот во Северна Македонија, вклучително и оваа последна година на голема енергетска криза, го купуваме од Грција, а најмногу од ‘Хеленик петролеум’ наместо да го произведуваме во ‘Окта’“, додаваат од ВМРО-НП.

- Реклама -