Министерството за здравство испратило писмо до Европската комисија за резервација на најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за третман на пациенти заболени од Ковид-19, со „коктел“ од casirivimab и imdevimab, информираше министерот Венко Филипче.
Тој потенцира дека кај нас е достапна целата терапија за третман на ковид-пациенти, а дополнително ќе се набави нова терапија.
„Испративме писмо, преку заедничкиот механизам за набавка на ЕУ со кое аплициравме за уште една терапија против ковид, всушност на истиот принцип како што го набавивме лекот ‘ремдесивир’. За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земи, ќе биде и кај нас“, вели Филипче.
Како што посочи тој, терапијата ќе биде набавена со помош на кредит од Светска банка.
Извор: Макфакс