Македонија ја победи Бугарија, одлично деби на Давид Бабунски

Со добра игра во финишот од натпреварот Македонија ја совлада Бугарија со 2-0, големиот македонски талент Давид Бабунски имаше одлично деби за сениорскиот тим.

Македонија ја прекина серијата од четири порази без даден гол, избраниците на Чеде Јаневски ја победија Бугарија со 2-0 во пријателскиот натпревар одигран на Арената Филип Втори.

Давид Бабунски го имаше своето деби за сениорската репрезентација, македонскиот талент ги одигра последните 30 минути од натпреварот и многу брзо покажа дека е иднината на нашиот фудбал.

Натпреварот го започнавме добро, веќе во третата минута по асистенција на Тричковски, Јаховиќ шутираше убаво но бугарскиот голман успеа да го одбрани неговиот удар.

Потоа следуваше блед период, без многу шанси за погодок, се обидоа и Бугарите, но и Пачовски беше на висината на задачата.

Втората голема шанса за Македонија беше во второто полувреме, Горан Пандев излезе сам пред голманот Михајлов, капитенот не успеа да ни донесе водство.

Во 60. минута на местото од Горан Пандев влезе Давид Бабунски, деби во селекцијата за членот на Барселона, големиот македонски талент одлично го искористи периодот кој го доби, за кратко време на пошироката македонска јавност и ги презентираше дел од своите квалитети а малубројната публика на стадионот го награди со скандирање на неговото име.

Прочитајте и:  Тензично пред Народниот театар во Софија: Претставата на Малкович го исмејува бугарскиот народ

Како се приближуваше крајот на натпреварот, Македонија играше се подобро, а кулминацијата се случи во самиот финиш.

Во 83. минута Стефан Ристовски направи продор во шеснаесетникот, падна, судијата покажа на белата точка, можеби престрого досуден пенал.

Агим Ибраими беше сигурен реализатор на најстрогата казна, Македонија поведе со 1-0.

Три минути подоцна прекрасна асистенција на Мојсов до Трајковски кој излезе сам пред бугарскиот голман и беше поуспешен, постигна гол за конечни 2-0.

Добар резултат во пресрет на квалификациските натпревари против Велс и Шкотска.

Се надеваме дека за тие натпревари луѓето во ФФМ задолжени за креирање на цените на билетите ќе имаат поголемо чувство за тоа која сума македонските граѓани се подготвени да ја платат за да ја гледаат селекцијата, па нема да дозволиме фудбалерите да играат пред празни трибини како што беше случајот на вечерашниот натпревар.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -