Санторини е приказна сама по себе која не може да биде раскажана преку фотографиите од белите куќи со сини покриви. Островот треба да се види и доживее, бидејќи енергијата од се уште активниот вулкан се чувствува само таму.
Но кога ќе го видите и доживеете на свој начин, а приказната за островот од прва рака ќе ја слушнете од Бенјамин Шукриу, Македонец кој веќе 35 години живее таму, тогаш знаете дека впечатокот ќе биде комплетен.
До Бенјамин не однесе Сашо Пижевски-Пиже, а со Пиже не спои заедничкото патување до Санторини, место кое секој треба да го посети барем еднаш во животот. Но тоа еднаш, за Бенјамин се претворило во два пати, после што и останал да живее на Иа, најубавото место на островот, познато по неповторливата глетка на зајдисонце, кога сонцето со пурпурна боја едноставно потонува во бескрајното синило на Егејско Море, кое се простира во недоглед.
„Прв пат дојдов на Санторини во 1979 година. Во тоа време, на одмор шетавме по островите. Вториот пат дојдов 1982 година и тогаш прв пат дојдов во Иа. Но тогаш беше поинаку. Немаше толку многу народ, немаше туризам и Иа не беше толку позната како денес. Ја знаеја луѓе кои се бавеа со архитектура и уметност. Вообичаено, таков профил на луѓе ја посетуваа“, раскажува Шукриу.
Во првите години од неговиот живот во Иа, се бавел со уметност, односно сликал и сликите ги продавал. Во 1986 година отвориле ресторан со неговата прва сопруга, Гркинка со која ресторанот го работел до 2001 година. Но по завршувањето на бракот, од кој има прекрасна ќерка, која ги има наследено неговите проѕирно сини очи како море, завршува и приказната со ресторанот.
„Дозволата беше на име на сопругата, ресторанот остана на нејзе, јас се тргнав од тој бизнис“, објаснува Бенјамин кој три години работел и на аеродромот.
Целата сторија проследете ја на „мајкатиитаткоти“