Македонија ќе има свој фудбалер во Премиер лигата во новата натпреварувачка сезона откако Динамо Киев се согласи да го испрати Горан Попов на едногодишна позајмица во таборот на Стоук.
Одличниот лев бек од македонската репрезентација се најде на листата со желби на менаџерот Тони Пулис по извонредните два настапи за Динамо Киев во ланските два меча со Стоук во рамките од Лигата на Европа. Пулис го следел македонскиот ас и на последниот квалификациски меч за Лигата на шампионите против Феенорд, по што цврсто решил да го доведе Попов во својот тим.
Сите детали од едногодишната позајмица се веќе договорени, а Попов в понеделник треба да ги мине лекарските прегледи, по што и официјално ќе ја има својата промоција во новиот клуб.
„Горан ме импресионираше при настапите против нас минатата сезона. Кога стана достапен за трансфер, нормално беше да дадеме сè од себе за да го доведеме во Стоук. Тој е одличен во одбраната, но многу лесно се префрлува и на противничката половина, а згора на тоа има и силен шут со левата нога. Тој гледаше на Премиер лигата како на нов предизвик во својата кариера и мило ми е што ќе игра токму за нашиот клуб. Го носиме на едногодишна позајмица, така што ќе има доволно време за адаптација и за докажување пред да решиме дали целосно да го откупиме неговиот договор со Динамо“ изјави Тони Пулис за официјалната веб-страница на Стоук.
Попов беше стандарден првотимец на позицијата лев бек во Динамо Киев, но го загуби овој статус откако украинскиот гигант ги засили своите редови со Таиво од Милан.