„Мајките ги воспитуваат синовите како паши“

phpu0jlmj_559x_[1]

“Мајките во исламскиот свет ги воспитуваат своите синови како паши, а ќерките – во послушност”, вели писателката Сафет Обхоџаш за “Дојче веле”.

65-годишната Обхоџаш е Босанка по потекло, а живее во Вупертал повеќе од 20 години. Смета дека и муслиманките носат одговорност за многу од проблемите – вклучувајќи ги и сексуалните напади извршени на новогодишната ноќ во Келн. “Овие млади мажи учат уште од своите мајки и баби дека жените кои не носат шамија и не се облекуваат според муслиманските правила, можат да бидат само предмет за сексуални задоволства”.

Разочарување од муслиманските мажи

Обхоџаш е разочарана од повеќето мажи-муслимани. “Каде се воопшто овие мажи? Во џамија, во коцкарниците или крчмите каде пушат наргиле или земаат дроги”, вели таа. Минатата година во Германија пристигнаа голем број муслимани – сите тие ги внесуваат своите културни и манталитетни особености – убедена е писателката.

“Погледнете наоколу. Сите овие жени носат шамии, сите имаат по три, четири или пет деца. Зарем можеме да очекуваме од нив дека ем ќе се грижат за децата, ем ќе настојуваат да се интегрираат во општеството?”, прашува писателката.

Темата за шамиите и забулувањето е од особен интерес за Обхоџаш. Таа не носи шамија – напротив, ги критикува муслиманските жени кои изразуваат одобрение за забулувањето, како и однесувањето на големите дизајнерски куќи:

“Сега тие прават голем обрт и собираат огромни профити од исламската мода, со тоа цементирајќи ја потчинетата улога на жената. Никој не може да ми каже, дека жените се забулуваат доброволно”, вели писателката.

Меѓу другото, Обхоџаш ги критикува и заблудите на мултикултурното општество во Германија, семтајќи ги за премногу лековерни и романтични:

Прочитајте и:  „Што носеше кога сама си го бараше?“

“Многу од левите во Германија си мислеа дека поранешна Југославија е конгломерат од религии и култури, во кој сите се сакаат едни со други. А кога им раскажував други приказни, за кои тие не знаеја, не сакаа ни да ме слушнат”, тврди Босанката.

“Генерацијата над 40 е загубена”

Во делата на Сафет Обхоџаш речиси секогаш се тематизира тешкиот живот на (многу од) муслиманските жени. Ги има на пазарот и во форма на електронски книги, а театарот во Вупертал ќе ја постави и нејзината претстава “Искри од мртвото море”. Сепак, авторката се сомнева дека може да промени нешто во општеството.

“Во постарата генерација – мојата генерација – е многу тешко, дури би рекла дека целото поколение над 40 години е целосно изгубено. Јас сепак се обидувам да им вдахнам храброст на помладите. Вреди човек да се бори”.

Затоа Сафет оди по училиштата и ги раскажува своите приказни. Активно учествува во театарските и интегративните проекти наменети претежно за младите муслимани. “Како можеме да воспитаме нова генерација што ќе биде повеќе социо-активна во средината, што ќе биде подготвена да се спротивставува на мајките и татковците, но и да го најде своето место во германското општество? Тоа е многу, многу сложено прашање”.

Писателката не крие дека се надева на поголема поддршка за тешката задача, особено од страна на жените.

“Германските жени гледаат на тебе или како на егзотична личност, или како на конкуренција. И тогаш е завршено со тебе. Не губам надеж, но не верувам дека можеме да промениме нешто во блиско време”, заклучува Обхоџаш.

- Реклама -