МАЈКАТА НА УЧЕНИКОТ ДАВКОВ ДО ЦАРОВСКА: Има кога општината да награди, не сега и не вака

Внимателно го прочитав официјалното соопштение на МОН и јасно беше на што алудира министерката (Мила Царовска), што го потврди и во вчерашната емисија на ТВ Канал 5!

Ова се истакнува во објавата на Никица Давкова, мајка на ученикот Дамјан Давков, на кого не му беше доделена наградата за освоено прво место по математика оти се натпреварувал со средношколци.

– Вината да се префрли на СММ затоа што дозволиле ученикот да учествува. Не е точно дека на натпреварите за средно може да учествуваат САМО ученици од средно. Зборот САМО го нема. Јасно е и зошто. Тоа би бил апсурд. Имено, секој што е во образование знае (би требало да знае) дека како и во спортот, така и во науката никаде во светот не е забрането помал ученик да учествува во категорија со поголеми ученици. За информација, на Светската олимпијада по математика – ИМО најмладиот учесник знам дека имал 11 години (можеби имало и помал). На ИМО 2020 Дамјан и уште 2-3 деца со 12 години беа најмалите учесници, а Дамјан е најмалиот учесник од Македонија што учествувал на ИМО. За да биде дел од тимот ученикот треба да ги помине сите натпревари, општински, регионален и државен за учениците од средно образование, како и селекциониот натпревар за Светската олимпијада.Што се однесува до тоа општината да исплати награда, воопшто нема никаква поврзаност со наградата од Државниот натпревар и затоа нема потреба од такво нешто. Си има кога општината да награди. Не сега, не вака, објави Давкова на Фејсбук.

Како што веќе објавивме, ученикот Давков иако беше победник на натпревар со средношколци, наградата за освоеното прво место не му е доделена, бидејќи законот тоа не го дозволувало. Како компензација, Царовска соопшти дека ученикот ќе добие парични средства од Општина Штип.

- Реклама -