Ако сте вљубени во својот Canon DSLR, но би сакале тој да има поголем број видео опции, тогаш Magic Lantern е вистинското нешто за вас.
Со оваа надградба на софтверот, Magic Lantern ќе ви овозможи механички фокус, неколку нови рачни аудио подесувања, рачно подесување на речиси сите опции поврзани со снимањето, како и нови фрејм и бит рејтови.
Magic Lantern е совршен за луѓето кои се видео ентузијасти, но немаат доволен буџет за да купат професионална опрема за снимање. Доколку не ви пречи да инсталирате неофицијално развиен софтвер на скапиот фотоапарат, тогаш ќе можете да имате одлична камера за релативно ниска цена.
{youtube}kQqOe9x00Uk{/youtube}
Уште еден важен новитет кај Magic Lantern е потполната кастомизација што можете да ја направите на менито и шорткатите. Едноставно го притискате копчето за менито и додека Magic Lantern е активен можете да започнете со сокривање на функциите што не ги користите или не ви се потребни. На тој начин, интеракцијата станува далеку поедноставна.
Најновата 2.3 верзија моментално работи на Canon 5D mk2 со фирмвер 2.1.2, 50D 1.0.9, 60D 1.1.1, 500D 1.1.1, 550D 1.0.9 и 600D 1.0.2 . Magic Lantern лесно се инсталира на мемориската картичка на фотоапаратот и ќе работи паралелно со оригиналниот фирмвер од Canon. Досега, ниеден фотоапарат не бил оштетен при инсталација или користење на Magic Lantern, па токму тоа е она што гордо го потенцира оваа заедница развивачи на софтверот.
Отсега, со својот Canon DSLR ќе можете да подесите одложен почеток на снимањето (до 8 часа), да одредите запирање на снимањето по одреден број кадри (500, 1.000, итн.), а ќе имате и напредни опции за подесување на експозицијата и фокусот.
Magic Lantern ќе ви овозможи и дополнителни опции при фотографирање, како што се на пример алатките за анализа на фотографии, но можеби најважно од сè е тоа што на располагање ќе ви стои огромна заедница на корисници од кои ќе добивате совети, поддршка при проблемите, понатамошни усовршувања итн.
Доколку имате некој од горенаведените модели на Canon, пробајте го Magic Lantern и пишете ни го вашето искуство во коментарите подолу. Ние веќе го користиме!