Главниот град на Шпанија наскоро ќе стане еден од најзелените градови во светот.
Градот е во процес на инвестирање на милиони во проширувањето на парковите, покривање на крововите и надворешните ѕидови со вегетација , претворање на неупотребливите парцели во градски градини, како и трансформација на асфалтирани плоштади во паркови, кои ќе ги апсорбираат врнежите.
Веќе почна садењето на дрвја по целото течение на реката Мансанарес која минува низ центарот на Мадрид, а тоа ќе чини околу 3,8 милиони евра. Општо земено, секое неупотребливо место и простор наскоро ќе биде покриено со вегетација.
Градот исто така е во процес на ограничување на сообраќајот на автомобили во централните региони, со тоа што Министерството за животна средина размислува да претвори некои од централните улици во линеарни паркови.
Сето ова е со цел да им се помогне на жителите да се прилагодат што е можно подобро кон резултатите од променливата клима, меѓу кои се неподносливата жештина, сушата и поплавите. .
Во Мадрид секогаш било топло во текот на летните месеци, но веќе станува уште потопло. Во месеците јуни и јули минатата година во Мадрид беа измерени рекордни температури од 40 степени. До 2050 година се очекува зголемување на бројот на невообичаено топли денови за 20%, а со истиот процент се очекува да се намалат дождовите.
Секое уредување на градот би било од помош. Веќе се направени неколку проекти за уредување на покривите на згради во различни мадридски населби, а резултатите покажуваат дека температурите паднаа за речиси 4 степени. Замената на калдрмата со вегетација, која може да апсорбира и складира вода, би му помогнала на градот да се справи многу полесно со евентуални интензивни врнежи.
„Ова се ефективни методи кои може да се применат во различни точки од градот” – вели Том Армур кој е директор на глобалната компанија за пејзажна архитектура “Arup”, што работи со Мадрид за интеграција на природата во бетон .
„Станува збор за повеќе тампон зони, чија што цел е да му помогнат на градот да се прилагодува на променливата клима и да се изгради издржливост” – дополнува Армур.
Додавањето на вегетација ќе му помогне на градот да се справи и со загадениот воздух . Мадрид е еден од најзагадените градови во Европа, а веќе се преземени некои мерки за намалување на загадувањето, меѓу кои ограничување на сообраќајот и можноста граѓаните да се движат бесплатно во градскиот транспорт во “загадените” денови. Се очекува до 2020 година да биде забрането движењето на дизел автомобилите во центарот на градот.
„Она што се случува во Мадрид, треба да се случи секаде“ – вели Армур.
„Мерките треба да бидат прилагодени на индивидуалните потреби и климата на секој град, но многу од одлуките се универзални. Неодамнешни студии покажуваат дека користењето на природата како решение на овој тип проблеми доведува до безброј бенефиции за здравјето на луѓето, економијата, општеството како целина и природно животната средина. Овие методи често се наоѓаат поефикасни од традиционалните “- дополнува тој.