Животната приказна на момчето кое од родното село во близина на Обровац мораше да бега од војната и заедно со своите родители да живее во егзил, е една од поубавите што го трогна и инспирираше светот, особено откако момчето – Лука Модриќ, беше официјално прогласен за најдобар фудбалер на светот.
Но, за неговата приказна се пишуваше и порано. Во 2016-та, шпанските спортски новинари Висенте Азпитарте и Хозе Мануел Пуертас ја објавија книгата „Лука Модриќ: Син на војната“ („Luka Modric: El hijo de la guerra“), во која е опишано неговото растење и патот до Реал Мадрид, еден од најмоќните фудбалски клубови во светот. Предговорот на книгата е напишан од хрватската фудбалска легенда Давор Шукер.
Биографијата од 208 страници за момчето кое, според сведоштвата, во бегалскиот хотел „Иж“ во Задар скршило повеќе прозори играјќи фудбал отколку што скршиле српските бомби, наскоро ќе биде преведена дури и на јапонски.
Можеби звучи изненадувачки, но популарноста на Модриќ во Јапонија да ти била многу поголема од тоа што ние би претпоставиле. Потврда за тоа е еден важен детал кој коавторот Азпитарте го забележал при неодамнешната посета на Јапонија за финализирање на издавањето на книгата. Имено, тој бил изненаден од изборот за насловна фотографија на книгата. Поточно, на насловната речиси и нема детал што јасно дава до знаење дека се работи за фудбалер (како на насловната на шпанското издание погоре, на пример), но затоа има близок кадар од Модриќ додека тој со раката ја префрла косата преку увото и го открива лицето.
Зачуден од ваквото „провокативно“ светло во кое е прикажан Модриќ, Азпитарте прашал зошто на насловната не е прикажана фудбалска топка, Модриќ во дуел или во славеничка поза по постигнат гол, на пример. Добил интересен одговор:
„Модриќ во Јапонија е сметан за еден од најпривлечните фудбалери на светот. Тој е cекc симбол овде и нашите жени сметаат дека е позгоден и поубав и од Кристијано Роналдо“, објасниле јапонските издавачи.
Во прашање е, објасниле, неговата долга коса, физиономијата на лицето и шилестиот нос, но и неговата животна приказна, растењето во сиромаштија, напорната работа и тешкиот пат во животот.
„Животот на хрватскиот фудбалер е пат полн со тешкотии кои на крајот го претворија во една од најголемите ѕвезди на светскиот фудбал. За тој статус се избори и покрај сите препреки и војната на Балканот“, стои во воведот на биографијата за Модриќ, која изобилува со изјави од негови соиграчи, тренери, пријатели и новинари кои го следеле во текот на богатата кариера.
Во меѓувреме, јапонските жени активно си се палкаат и на Путин. Видете ТУКА.