Лукашенко: Украина ѝ предложи на Белорусија пакт за ненапаѓање

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека украинската страна му предложила на Минск да склучи пакт за ненапаѓање, пренесува белоруската државна агенција „Белта“.

Според него, Западот не се откажал од своите планови, кои се однесуваат на Белорусија, да продолжи со обука на милитанти и екстремисти во Украина.

„Не знам што ќе им е тоа на Украинците. Од една страна бараат од нас во никој случај да не влегуваме во војна со Украина, нашата војска да не оди таму. Тие предлагаат пакт за ненапаѓање. Меѓутоа, од друга страна го подготвуваат тој хаос и ги вооружуваат милитантите. Полска и Литванија целосно полудеа. Зошто им е тоа потребно? Не е јасно. Затоа, принудени сме да реагираме остро“, рече Лукашенко на состанокот посветен на општествено-политичката ситуација во земјата.

Прочитајте и:  Британија сега е директно вклучена во војната во Украина, вели рускиот амбасадор во Лондон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, денеска изјави дека не ја исклучува можноста Русија да ја нападне неговата земја од соседна Белорусија, но дека би бил изненаден ако Украина биде нападната од самата Белорусија.

„За Украина ќе биде вистинско изненадување доколку биде нападната од самата Белорусија“, рече Зеленски.

Британските медиуми, пак, потсетуваат дека Русија ја искористи Белорусија како отскочна даска за инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Извор: МИА

- Реклама -