Лукаревска: Одложениот Конгрес ќе се одржи до 30 јуни

Заменик-претседателот на СДСМ, Сања Лукаревска денеска истакна дека одложениот отчетен Конгрес на партијата, кој вчера почна па се одложи, треба да биде завршен до 30 јуни, односно пред внатрепартиските избори за нов претседател.

-Сметам дека треба да имаме продолжување за многу брзо време. Има посебна работна група која работи на отчетниот конгрес. Таму покрај извештајот, имаме многу други точки на дневен ред за дискутирање. Само едно на крајот можам да кажам – Конгресот на СДСМ е демократско начело и таму секој делегат може да каже што мисли и се надевам дека таму ќе има помалку критизери, а повеќе добронамерни критичари, рече Лукаревска во „Студио 10“ на ТВ24.

На прашањето дали вчерашниот конгрес на СДСМ е прекинат поради немање кворум оти не дошле претставниците од општинските клубови, Лукаревска нагласи дека за да стигнат до тоа дали имало кворум на конгресот или не требало да заседава верификационата комисија. Таа посочи дека тие не стигнале до таа точка од конгресот.

Таа потенцира дека е вообичаено прво да се обрати претседателот на партијата што досегашниот претседател Димитар Ковачевски и го сторил. На коментарот на еден од кандидатите за претседател на партијата Јован Деспотовски, дека е преседан да се прекине конгрес и дека никогаш досега тоа не се случило, Лукаревска вели дека секогаш имало делегати кои не доаѓале на конгресот, но според неа, тоа не е причината за прекинувањето на конгресот.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

-Извештајот вели дека нашата грешка е пренагласеноста на некои наши стратегии и визии. Секоја изборна единица има различна теза и политика која е приоритет, а ние бевме насочени кон тези кои не беа вистинскиот наратив за тие гласачи. Ние недоволно се обраќавме на неопределените. Ние не излегувавме во пресретн на одредени интереси на членството, како и нашата недостапност и ароганција, рече Лукаревска.

Вчерашниот 29. Конгрес на СДСМ беше прекинат откако раководствата на општинските организации побарале дополнително време за подготовка на извештаите за парламентарните и претседателските избори. Од партијата посочија дека Конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за Извештајот за претседателските и парламентарните избори, а терминот дополнително ќе биде утврден.

Во определениот период за кандидирање за претседател на СДСМ од 31 мај до 6 јуни, кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски.

Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни.

- Реклама -