Ова е приказна за фрикови.
Почнува да ме боли глава и од самата помисла на ваква бизарност, но денес сум овде да ви кажам за една мала подгрупа на луѓе – ако воопшто може да се наречат луѓе – кои никогаш немале главоболка. Чудаците како мајка ми.
„Не би знаела“, рече мајка ми пред некоја вечер додека вечераше со мене и една пријателка која се жалеше на тортурата од главоболките. „Никогаш сум немала главоболка“.
И јас и пријателката погледнавме во малата женичка. Ја погледнавме подзамижано, анализирајќи ја. Аха. Ја провалив. Таа не е вистинска личност. Таа е вселенски вонземјанин замаскиран со бела коса и бастун за да се преправа дека е човек.
„Никогаш си немала главоболка?“, праша пријателката зинато. „Никогаш?“
Насмевката на мајка ми изгледаше како да зрачи директно од Марс. „Никогаш“.
Нешто е очигледно многу погрешно со таа жена. 80 години живот, ниту една главоболка. 80 години што вклучуваат тежок брак, периоди на сиромаштија, остеопороза, многу селење, срушени куќи, 8 досадни деца и евтини чевли. Или е фрик, или е лажго.
Сé што треба е да гледаш ТВ реклами за да знаеш дека реалните луѓе имаат главоболки. Вистинските луѓе се интимни со Кафетин, Аналгин и други слични -ин-и. Вистинските луѓе го почувствувале чеканот во слепоочниците, шилото во тилот, стаклените парчиња што ти пецкаат во очите, и заморот кој следи после сето ова.
Вистинските луѓе знаат дека главоболките се ѕвер што секогаш демне во сенките, подготвен да нападне во најмалку очекуваниот и најнезгодниот момент. Вистинските луѓе знаат дека ако се трудиш да му удоволиш на шеф, на публика или на тој што ти е дејт, ќе добиеш главоболка.
Главоболките се основа на постоењето како што се лошите панч-лајнови, како во „Не вечерва, драги. Ме боли глава“. Фактот што мајка ми родила 8 деца за 9 години изгледа доволен за да го демолира нејзиното тврдење дека нема главоболки. Но колку е таа всушност фрик? За да дознаам, го викнав д-р Норман Харден – експерт за главоболки на универзитетот Northwestern.
„Колку што знам, 5 до 10 проценти од луѓето никогаш немале главоболка или болка во лицето“, вели тој. „Не знаеме кои се тие; не знаеме зошто е тоа така“.
Е па, тука сум да ти помогнам со тоа „Кои се“, докторе, ама не можам да ти помогнам со „зошто“-то…
„Знаеме дека некои главоболки се очигледно генетски“, рече Харден. „Мигрените се чини дека имаат генетска компонента. Знаеме дека предиспозицијата за развивање на главоболки индуцирани од стрес или од притисок е веројатно генетска“.
Генетска? Тоа го потврди моето сомневање дека „мајка ми“ е вонземјанин кој ги киднапирал неговите „деца“ од некој Земјанин. Јас ја имав првата главоболка на 13, и иако денес ги немам толку рутински, главоболките ме демнеа со години, и не можев да ги смирам со ништо во шише.
„Тоа е нешто што не е истражено, бидејќи овие не се луѓе на кои им треба наша помош“, продолжи Харден. „Знаеме речиси ништо за луѓето што никогаш немале главоболка“.
Ќе им дадам неколку траги на експертите. Луѓето кои никогаш немале главоболки ќе чуваат остатоци од ручекот во фрижидерот по две недели, и после со сласт ќе ги изедат за доручек. Па, можеби главоболките се поврзани со толеранција на болка?
Одговорот на Харден: „Очигледно постојат луѓе кои ја имаат потполно истата патологија, и некои ќе речат, на скала од 0 до 10, ‘не чувствувам болка’. Друг ќе рече, ‘Море 10-ка е, не можам да работам, не можам да мислам, ужасно е’ “.
Продолжи да објаснува дека два релативно новооткриени гени – наречени met и val – помагаат во контролирањето на перцепцијата на болката.
„Ако имаш две од met, тогаш ќе бидеш мекуш. Било што, и мала флеш главоболка – и готов си, сé е завршено, неподносливо е. Ако имаш met и val, како што имаат најголем дел од нас, имаш нормална перцепција на болка. Ако имаш два val, ти си стоик; болката нема важна улога во твојот живот“.
Мајка ми ми делува како дупли val, што мора да е случај и со секој друг што тврди дека можеш убаво да се наспиеш на кауч во дневната. Но доктор Харден предложи да ја ставам под ригорозен тест: „Следен пат кога ќе дојде, дај ѝ нека испие некое литро евтино лошо вино“.
Ако тоа не ѝ предизвика главоболка, таа навистина е една од тоа среќните фрикови.
Мери Шмик, за Чикаго Трибјун