Италијанскиот писател Примо Леви напиша: „Секогаш ќе има скапани свињи. Чудовишта се оние кои стојат и гледаат“.
Примо Леви ги преживеал искушенијата на италијанскиот и германскиот фашизам – два сродни облика на популизам кои од темел го потресоа модерниот свет, пропагирајќи обнова преку деструкција. Од тоа страшно искуство со демолирачките утопии, се чини дека засекогаш беше научена една важна лекција: злото треба да се препознае на време и да му се спротивставиме на време, бидејќи ако не, подоцна, кога ќе земе залет, цената на неговото запирање станува огромна и застрашувачка. Поуката е, исто така, дека не постојат невини; тие кои се уверени дека се настрана од сето тоа, брзо се претвораат, дури и без да сфатат, во соучесници и директни виновници.
Но, очигледно, од историјата малку имаме научено, или воопшто не.
Еден од основните проблеми на нашето време е во тоа што има премногу од тие што „стојат и гледаат“. Дали тоа значи дека сме станале општество на чудовишта? Таквото тврдење е близу до вистината. Во мрачни, изопачени времиња на изгубени критериуми на човечност, морално изобличување, во време на деструкција, хаос и владеење на лошите момци, преобразбата на уважениот граѓанин, добриот татко на семејството и угледниот човек – во чудовиште, се одвива брзо, лесно и едноставно: доволно е само да се стои, да се гледа и ништо да не се презема.
На почеток е доволно да се стои и да се гледа како на некој друг му се прави некаква сосем мала неправда: како некој зад аголот, во наша близина, малтретира некој послаб од себе. Како некој во наша близина и наше присуство, користи физичка надмоќ, или моќ на работодавец, моќ на сопственик – за да наметне неправда. Или да се набљудува незаинтересирано и рамнодушно злоупотребата на политичка моќ или партиска припадност, да се гледа како некој наш пријател, познаник, сосед или некој кој можеби и не го познаваме – е понижуван и е прогонуван затоа што се разликува од нас по уверувањата или раѓањето.
Наскоро насилството станува секојдневна ствар. Насилството и неправдата одат рака под рака. Не спротивставувајќи се на насилството, не кревајќи глас против неправдата, прифаќаме да живееме покрај нив и со нив. Насилствата се зголемуваат, неправдата станува сé поочигледна, добиваат застрашувачки размери, а ние стоиме и гледаме. Лесно, ама и непречено се преобразуваме во чудовишта. Бидејќи, да се присетиме на зборовите на Примо Леви, „чудовишта се оние кои стојат и гледаат“.
Продолжуваме, наизглед, да живееме како што сме живееле, секогаш наоѓајќи оправдување за своето немешање, за молкот, за отсутноста – во разговорите со пријателите, со самите себе; наоѓаме оправдување во тоа што светот отсекогаш бил така построен да трпат послабите, а да тепаат појаките, и во тоа дека мудроста е во гледање на својата работа, во отсутноста, во незабележителноста и невидливоста. „Насилство има откако постои светот и времето, а и неправдата е од Бога“. Грдото чидовиште родено од овие божем мудрости, кои се истовремено и кукавичлук и конформизам, расте како што расте насилството, неправдата и омразата во коколината: во секојдневниот живот, во идеологијата, во политиката… и сé така додека на крајот, од тој филозофски став на „стој, гледај и не се мешај“ не израсне вистинско чудовиште кое може да проголта и цел човек.
Но, вака или онака, насилството и неправдата направени врз другите се враќаат и еден ден ќе ги опфатат сите: и правите и кривите, па и тие кои сакале да бидат настрана од сето тоа – како демек да може да се биде надвор од животот, како да се може само да се стои и да се гледа и да се биде сигурен дека еден ден вртлогот на нараснатото зло нема да ги опфати сите, па и тие што верувале дека се изземени, сигурни и заштитени. А кога ќе дојде тој ден, а доаѓа порано или подоцна, прашај се каде си бил кога сé почнало, дали нешто си направил кога совеста ти налагала нешто да се превземе, запрашај се колкав е твојот удел на виде во сеопштото зло. Сакал, не сакал, ти си станал чудовиште, Левиево чудовиште кое „стои и гледа“.
Тој тип чудовишта, како посебна врста на човечкиот род, ја исполнува и далечната и блиската историја. Не спротивставувајќи се на насилството тогаш кога требало, овие мутанти, под команда на палката на диктаторите и тираните, подоцна ја пополнуваат легијата на злото ширејќи насилство насекаде околу себе. Не само што не успеале да останат надвор од сето тоа, туку ставот „стој и гледај“ недвосмислено се претвара во извршување наредби и став „ќути и слушај“, а потоа и „убиј и не размислувај“.
Во секој систем што почива на моќ и сила, набљудувачите се најбројна и најпослушна категорија на населението. Набљудувачите го даваат легитимитетот на разноразните облици на тортурата. Набљудувачите се за тоталитарната власт најдобрата врста поданици. Ништо не прашуваат, за ништо не се бунат, „стојат и гледаат“, ама ништо не гледаат, ништо не слушаат, ниту нешто ги засега. Неми се пред човечката мака, рамнодушни кон умирањето и страдањето на другите, ослободени од грижа на совест, надвор од секакво сочувство… Навистина, прави човечки чудовишта.
Во мрачните времиња најјасно се покажува колку е мала разликата помеѓу угледен граѓанин и чудовиште. Дека е таа граница тенка и едвај видлива. Затоа е и можно речиси преку ноќ, како што се чини, поедини општества да се претворат од навидум нормални, мирни, стабилни, сé на сé стандардни – во општества на монструми и на големи, неочекувани и згрозувачки злочини. Ама овие промени имаат свој тек, тие демнат од минатото и често корените не се само во тоа што нешто лошо или погрешно е направено, туку уште повеќе во тоа што на тоа лошо или погрешно немало вистинки одговор. Чудовишните последици понекогаш директно произлегуваат од непревземањето ништо, од ќутењето или свртувањето на главата, или од тоа што единствениот одговор бил стоење и гледање.
Зборовите на Леви е фино да се запишат на сите државни грбови и знамиња и на сите видливи места, за постојано да бидат на видик и во умот на секој човек. „Секогаш ќе има расипани свињи, ама чудовишта се тие што стојат и гледаат“.
Filip David – “Jesmo li čudovišta”