Скопје, 5 септември 2022 (МИА) – Приоритетите на триото Франција, Чешка и Шведска беа поставени на генералниот совет во декември 2021 година, тогаш имавме поинакво сценарио. Немаше енергетска криза и ова поставување беше пред руската агресија во Украина и тогаш бевме фокусирани на заштита на граѓаните, на нивните слободи и права, развојот на европскиот модел, развој на зелена економија, социјален раст и унапредување на европските вредности. Наеднаш сè се смени, мораше да ги измениме и прошириме нашите приоритети. Инвазијата во Украина од февруари 2022 година донесе неопходност да се прегледаат ваквите приоритети, порача чешкиот амбасадор во Северна Македонија Јарослав Лудва на денешната собраниска комисија на која беше презентирана Програмата и приоритетите на чешкото претседателство со Советот на Европската Унија.
– Имаме два сета на приоритети, првите се општи, а вторите се надворешни во кои надлежно е Министерството за надворешни работи. Имаме четири надворешни приоритети, а во два од нив е споменат и Западен Балкан. Започнавме со финализиран француски предлог и на нас е да ја завршиме домашната работа, истакна Лудва.
Презентирајќи ги приоритетите на чешкото претседателство пред пратениците во Собранието, тој посочи дека Чешка се осврнува на итните безбедносни прашања и неодложни безбедносни прашања. Се осврна и на надворешните работи, како што се проширувањето на односите, унапредување на унифицирана и ефикасна Европска Унија во нејзините односи во корелација со високи претставници за надворешна и безбедносна политика, како генерален и општ приоритет и мислам дека е на листата на секое претседателство.
– Јакнење на партнерството и односите со други држави, главно Западен Балкан, Украина и источното партнерство. Уште еден приоритет високо на листата, а тоа е проширување на ЕУ, преку доделување и постигнување на содржаен напредок во преговорите и поддршка на процесот на проширување со државите од Западен Балкан и конечно давање кандидатски статус на Украина, додаде тој.
На собраниската комисија за европски прашања присуствуваше и заменикот на премиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ кој во своето обраќање истакна дека француското и чешкото претседателство се историски важни.
– Чешката Република е значаен поддржувач на евроинтеграциите на Република Северна Македонија што токму во овој период го почнуваме скринингот и ги почнуваме преговорите. Континуираната билатерална поддршка, како и онаа во рамки на институциите на ЕУ се од особено значење за нас и токму и во таа насока и на 8 септември ќе имам прилика да ја посетам Чешка и во Прага, заедно со чешкиот министер за надворешни работи, Бег заедно да го прославиме Денот на независноста на нашата земја, вели Маричиќ.
Фокусот на Северна Македонија, според него ќе биде на енергетска ефикасност, искористување на обновливите извори на енергија и исполнување на климатските цели на ЕУ.
Како клучен момент, Маричиќ го посочи скринингот на законодавството што, како што вели, ќе овозможи конечно дискусија суштински елементи врзани за преговорите со ЕУ, надвор од билатералните прашања.
– Собранието, пред сè Комисијата за европски прашања и Националниот совет за европска интеграција ќе имаат клучна улога затоа што очекуваме активно вклучување и поддршка и од пратениците, но и од опозицијата за тоа што со децении е стратешка цел на државата, додаде Маричиќ и апелираше до опозицијата да ја искористат шансата и подадената рака и да го активираат Националниот совет за евроинтеграции.
Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање истакна дека кога се разговара за стратешки и важни одлуки, потребно е да биде вклучена и опозицијата.
– На овој начин гледаме дека власта презема и ветува обврски што не можат да бидат исполнети бидејќи истите не се во согласност со волјата на народот и не се во согласност со тоа што ќе го кажат претставниците на граѓаните тука во Собранието. Важно е да имаме дебата тука во Собранието бидејќи имаме многу проблеми затоашто немаме заемна почит, додаде Лефков.
Евроамбасадорот Гир истакна дека државата веќе ги има исполнето условите за отворање на преговорите, така што следниот чекор што треба да се направи е да напредува кон отворање на пристапните преговори. Притоа, посочи дека сега е моментот државата да испорача реформи, со цел земјата да чекори успешно кон зачленување во ЕУ.
Во расправата по темата учествуваа пратениците Славица Тасевска, Халил Снопче, Фадиљ Зендели и Соња Мираковска и Гордана Силјановска-Давкова.
Во нивните дискусии беа изречени предлози и забелешки за унапредување на процесот на зачленување на земјата во насока на постигнување на инклузивност на процесот со заемно учество на позицијата и опозицијата како неопходност во овој процес. Посебно беше истакната потребата за активно вклучување на Парламентот во процесот, преку Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции со кој раководи опозицијата.
На Комисијата за европски прашања присуствуваа и претставниците и членовите на Националниот совет за евроинтеграции и членовите на Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РСМ-ЕУ, како и на дипломатскиот кор и медиумите.