Во конкуренција од над 2.200 лозови насади од Италија и Медитеранот, само 11 лозја беа наградени за 2025 година, што ја позиционира Лепово меѓу најдобрите 0,25% во регионот. Дополнително, лозовите насади на „Тиквеш“ во Барово, Бела Вода и Демир Капија добија „Златен статус на извонредност“, признание кое му е доделено само на околу 2,5% од оценуваните насади.
За „Тиквеш“, овие награди се потврда дека квалитетот на виното започнува од лозјето и дека извонредните резултати доаѓаат од долгорочната посветеност на развојот на лозовите насади, зачувувањето и истакнувањето на уникатноста на тероарот. Така, примената на современи научни и технолошки методи во лозарството е клучна. Затоа, „Тиквеш“ постојано инвестира во истражување, мониторинг, анализа и воведување иновативни практики кои овозможуваат донесување прецизни и навремени одлуки во секоја фаза од производството.
Во последните години, компанијата имплементирала напреден систем за дигитално следење и управување со лозовите насади, што создава основа за прецизно лозарство засновано на податоци. Со овој систем, континуирано се следат и анализираат различни параметри поврзани со развојот на лозјата, климатските услови и потенцијалот на грозјето.
Рангирањето на лозовите насади се спроведува според Бигот индексот – научно базиран систем за проценка на квалитетниот потенцијал на лозјата, што овозможува објективна оценка на способноста на лозовите насади за производството на врвно грозје и вина.
Според Александра Ристова, раководител на секторот за управување со лозови насади во ВВ „Тиквеш“, ова признание е доказ дека долгорочната стратегија на компанијата за развој на прецизно и научно базирано лозарство носи видливи резултати.
„Ова признание е потврда на нашето убедување дека врвните вина произлегуваат од висококвалитетно грозје, а таквото грозје се добива со длабоко разбирање на тероарот, континуирано следење на лозовите насади и донесување одлуки засновани на податоци. Денес, лозарството се соочува со значајни предизвици поради климатските промени, и затоа инвестирањето во истражување, дигитализација и модерни методологии за управување е од клучно значење. Нашата цел не е само да произведеме високо квалитетно грозје, туку и да ја истакнеме автентичноста на секој тероар во вината што ги создаваме. Успехот на нашите вина на реномираните светски натпревари е резултат на посветената работа во лозјето. Зад секоја награда стојат знаење, професионалност и тимска работа. Овие резултати се заслуга на нашиот тим агрономи, енолози и партнери, кои ги споделуваат вредностите за висок квалитет. Тие исто така потврдуваат исклучителниот потенцијал на македонските тероари кои се темел на препознатливоста на вината на ’Тиквеш‘“, изјави Ристова.
Постигнатите резултати се дел од пошироката стратегија на „Тиквеш“ за континуирано подобрување на квалитетот преку интеграција на науката, иновациите и традицијата во секој сегмент на производството. Компанијата потврдува дека продолжува да се фокусира на развојот на одржливо и современо лозарство, со цел успешно да го претстави македонското винарство на светската сцена.




