Лошо е што се мисли дека целото зло потекнува од парламентот, вели Џафери откако соопшти дека 44 екс-пратеници побарале апанажа

„Не сакам јас да кажувам што е можно а што не е можно“, рече собранискиот спикер Талат Џафери за новинарите, прашан за патните трошоци на пратениците и дали е можно нивно укинување. Тој потсети дека пратениците се избрани од граѓаните и ги претставуваат нив, а притоа постојат општи правила за функционирање на властите.

Во однос на својот личен став, Џафери истакна дека тој е ЗА да се дорегулираат патните трошоци со цел да се избегнат злоупотреби, но не и за нивно целосно укинување.

Сепак, посочи, ќе чека конкретна акција во парламентот, а ако добие предлог од Владата за такво нешто, истиот ќе го достави за гласање.

Притоа, Џафери се понуди да им излезе во пресрет на пратениците кои ќе сакаат да се откажат од службените возила:

„Ако сакаат да доаѓаат со тротинет, ќе им обезбедам паркинг на пратениците“, рече тој.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

Од друга страна, собранискиот спикер ја искористи приликата и за да ја прекори пошироката јавност за нејзиниот однос кон пратениците:

„Лошо е што се ствара слика дека сето зло во ова општество и во оваа држава потекнува од Собранието и од пратениците. Ако има таква перцепција и заклучок, тогаш да седнеме, да  направиме консензус да си го смениме системот и од парламентарна демократија да се претвориме во друг систем, и да нема веќе такво зло во општеството – пратеници и парламент“, рече Џафери со уште поголема доза на иронија.

Претходно, на истиот новинарски брифинг, Џафери соопшти дека 44 пратеници од минатиот состав побарале апанажа – односно надомест по престанок на функцијата. Рокот за поднесување барања сѐ уште трае.

- Реклама -