Лога ги негира обвинувањата од Филков и го повикува на јавна дебата

Ексминистерот за правда најавува дека за сите тврдења на неговиот наследник на функцијата, но и за 100-те дена од неговото раководење со Министерството ќе има јавно обраќање и брифинг со новинарите

Кренар Лога како невистинити ги отфрли тврдењата на неговиот наследник на функцијата, Игор Филков кој денеска на прес-конференција го обвини ексминистерот дека пред да замине од кабинетот во Министерството со себе го зел документот со препораки за Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија. 

Поранешниот министер за правда, Кренар Лога / Фото: „360 степени“ (Архива)

На почетокот од писмената реакција ексминистерот за правда вели дека Филков е само потписник во оваа институција и дека со неа раководи Радица Лазареска-Геровска, со која, како што тврди, целото Министерство нема добра комуникација. 

За документот од Оценската мисија, Лога вели дека тој е добиен по електронски пат и е архивиран од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали.  

„Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и (поранешниот) вицепремиер Маричиќ, (тогашниот) претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на мисијата, е споделено и со работната група (за реформи во правосудството), односно со претседателот, академик Владо Камбовски“,

вели Лога во реакцијата. 

Во врска со обвинувањата на Филков дека функцијата ја презел без примопредавање, со испразнет кабинет од потребна документација, но преполн со тукушто набавени предмети во вредност од 15 500 евра, Лога вели дека кога била избрана новата власта тој бил на планиран семеен одмор и дека сите фактури во Министерството биле навреме подмирани.  

Министерството нема долгови, бидејќи на време беа подмирени сите фактури. Наместо да бидете среќни што го имате материјалот со кој јас не располагав, вие неосновано критикувате зошто сите тие матерјали се двојазични, односно и на албански јазик. Двестоте чадори се наменети за кампањата за бесплатна правна помош, заедно со Советот на Европа. Лаптопот е во ПР-канцеларијата, другиот е кај преведувачите, тротинетот е во едно од одделенијата за бесплатна правна помош, а телефоните, добиени преку субвенција, се распределени на оние кои најмногу работата“,

вели Лога.

Ексминитерот најавува дека за сите тврдења на Филков, но и за 100-те дена од неговото раководење со Министерството ќе има јавно обраќање и брифинг со новинарите.  

„Го предизвикувам министерот Филков на јавна дебата, било еден на еден или со учество на госпоѓа Радица од негова страна“,

вели Лога на крајот од соопштението.  

Актуелниот министер за правда, Игор Филков / Фото: Архива

Инаку, во врска со документот на Оценската мисија на ЕУ министерот за правда на прес-конференцијата рече дека во тек е постапка и дека ќе бара одговорност, бидејќи станува збор за класифициран документ кој неговиот претходник го зел со себе и Министерството не располага со него   

- Реклама -