На прашањето дали Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 година, кога треба да биде Европска престолнина на културата, Љутков даде потврден одговор
Три до четири месеци ќе траат процедурите за законско преземање на Универзална сала од Град Скопје за потоа да продолжи изградбата на објектот, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Тој вели дека правници од министерството, но и надворешни консултанти работат на тоа проектот за Универзална сала законски да биде пренесен од Град Скопје на Култура и туризам.
Според Љутков, потребно ќе биде да се направат пет-шест чекори, а тоа подразбира и промена на закони.
„Тоа можеби ќе потрае три-четири месеци. Проектот е во ред, не го оспоруваме, немаме ништо против изведувачот кој досега ги изведувал работите, во првата фаза“,
рече Љутков во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.
Во втората фаза од изградбата, која е стопирана, како што рече Љутков, изведувачот можеби нема да биде ист. За да се избере изведувач кој ќе ја доврши втората фаза, министерот рече дека ќе биде распишан тендер, а во проектот најави дека ќе побараат да се направи и уредувањето на платото и мебелот во објектот за да на крај имаат, како што рече, проект „клуч на рака“.
Тој рече и дека се уште немаат извештај за настанатата штета помеѓу првата и втората фаза, а немале ниту пресек што е направено и ја немале проценетата вредност на вкупниот објект.
На прашањето дали Скопје ќе има нова Универзална сала до 2028 година кога треба да биде Европска престолнина на културата, Љутков даде потврден одговор.
„Подобро да оди побавно, но легално и така како што треба. Ако продолжиме вака, јас носам кривична одговорност и ќе бидам оспоруван и нема да го имаме проектот ни до 2028 година кога Скопје треба да биде Европска престолнина на културата“,
додаде тој.
Љутков рече и дека за 20-ина дена Министерството за култура треба законски да го преземе секторот туризам кој досега беше дел од Министерството за економија. Потоа ќе почнат да работат на програмата за туризам за 2025, како и на заедничкото работење односно промоција на културниот туризам. Кога ќе го преземат целиот ресор кај нив, рече Љутков, ќе почнат да работат на стратегија за туризам.
Љутков на крајот на минатиот месец најави дека ќе бидат поднесени кривични пријави затоа што Министерството за култура незаконски ја преземало Универзална сала.
За тоа против кого се ќе биде поднесена кривичната Љутков немаше конкретен одговор, но од кривичен прогон не ја исклучува неговата претходничка Бисера Костадиновска – Стојчевска, во чие време беше преземена Универзална сала.
Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура. Потоа на владина седница беше усвоена информацијата за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, од Град Скопје на Министерството за култура.
Универзална сала е изградена како резултат на светската солидарност и помош по земјотресот во 1963 година.