Лидија Димковска и Калиа Димитрова дел од литературниот избор Штефица Цвек за 2024 година

Литературната жири комисија составена од Маја Абаџија (Босна и Херцеговина), Дара Шљукиќ (Србија) и Мања Величковска (Северна Македонија) се најде пред возбудлив вртлог од книги, дебати и табели. Имајќи задача да прочитаат 27 дела од потесниот избор, тие ги оценуваа книгите според стилот, формата, темата, регионалниот потенцијал, оригиналноста и препознатливиот впечаток што го оставаат при читањето. Срцата не секогаш им соработуваа со главите, а секоја од нив „се затреска“ барем во една книга. И покрај тоа, тие останаа посветени да ги надминат личните емоционални приврзаности и одлучни беа да не дозволат книжевните симпатии да им го поматат расудувањето. Сепак, маките не им беа лесни.

Судењето беше обележано од страсни дебати за развојот на ликовите, жестоки несогласувања околу наративните темпа и еден особено развлечен разговор за двосмисленостите и недовршеностите. Од долги Зум состаноци за толкување на клучни цитати, Ексел документи со сложени табели за запишување на сите можни впечатоци, и создавање на сложен и слоевит систем на бодување на кој дури и Евровизија би позавидела, процесот на оценување беше исцрпувачки, но успешен. Конечната одлука беше производ на бескомпромисна евалуација и непоколеблива посветеност. Маја, Дара и Мања ги читаа и носеа овие книги насекаде со себе, за време на празници и одмори, во возови и авиони, цик-цак низ Балканот и Европа, потврдувајќи го својот избор повторно и повторно. Тие ги преиспитуваа своите одлуки до крај и ништо не беше оставено на случајност додека не го отфрлат секој преостанат сомнеж.

На крајот, изборот го намалија на седум книги, дела кои не само што ја доловуваат суштината на она што тие го бараа, туку и добија најмногу бодови во сите критериуми за оценување. Колку и да изгледа неверојатно, овие книги добија пофалби од сите три членки на жирито, кои без приговор се согласија на овој избор.

Затоа, со задоволство и олеснување, Ве информираме дека седумте избрани дела кои го заслужија признанието „Штефица Цвек“ за 2024 година се:

Strvinari starog svijeta на Теа Тулиќ (Oceanmore, 2023)

Романот на Теа Тулиќ е меланхолична и топла приказна за едно тричлено семејство кое живее на хрватското приморје, на преминот од осумдесеттите до денес, и чија бројност полека се намалува. Романот зборува за загубата на семејството и губењето на светлата иднина, а е напишан на особено поетски, но прецизен и концизен јазик. Меланхоличниот тон на делото не ја затапува острината на критичката перспектива на мажественоста и војната, ниту пак острината на гневот на насилството. Неговата острина не ја уништува духовитоста на перспективата на нараторот, туку се надоврзува на топлината на односот меѓу ќерката и таткото, и нежноста на портретирањето на ликовите на родителите од страна на ќерката – нараторка на приказната. Strvinari starog svijeta (или Месојадите на стариот свет) е ретко успешен роман, на ниво на јазик, тон, композиција, карактеризација на ликовите, прикажување на односите меѓу ликовите, па дури и градењето на заплетот.

Единствен матичен број на Лидија Димковска (ТРИ, 2023)

Единствен матичен број ги добива сите заслуги за маестрално спојување на геополитичките тензии со сложените семејни динамики. Истражувајќи ги актуелните проблеми предизвикани од војните, окупационите политики и неоколонијализмите, преку кои се психологизираат потеклото и класата, романот е еден од ретките примери на слоевита фиктивна брилијантност. Низ ликот на Катерина, која се обидува да ги разбере постапките на тивкиот татко и зајадливата, но кревка мајка, нарацијата се интересира за губењето и пронаоѓањето надеж во премолченото минато за окупацијата на Северен Кипар од страна на Турција. Низ синтагмата „да се фати пустелија“, овој роман со развојна линија типична за деколонијалниот футуризам, ја проблематизира можноста за лична и колективна обнова, и активно размислува за тоа како скршените заедници и поединци сè уште можат да замислат помалку болна иднина, незадоена од колонијални и националистички идеи. Го издвојуваме ова дело поради несетното излегување од наративот за минатото и загубата, и пренасочувањето на интересот на сè она што сè уште може да се замисли.

Лидија Димковска за читателите на Трн, веднаш по прогласувањето изјави: „Многу се радувам што Единствен матичен број ја доби наградата Штефица Цвек, заедно со одлични книги од регионот. Дубравка Угрешиќ е засекогаш една од моите омилени писателки и чест е да се биде награден со нејзината и наша Штефица Цвек. Штефица Цвек е слободата, бунтовноста и бескомпромисноста во литературата.“

Četiri lakta unutra на Ева Симчиќ (V.B.Z., 2023)

Дебитантскиот роман на авторката Ева Симчиќ од Риека, Četiri lakta unutra (или Во четири лакти), плени со автентичноста на нејзината имигрантска приказна. „Најдобрата земја во светот“ во овој текст е најдобро разоткриена како разочарување, а најлошо како кошмарен кафкијански лавиринт. Шармантната комбинација на горчина и духовитост со која нараторот нè води низ нејзиниот доселенички секојдневен живот ја одржува нејзината борба со депресијата која е во фокус, зборувајќи искрено за сите странични патишта по кои треба да се оди за да најдеме лек. Симчиќ вешто ги испреплетува есеистичкиот дискурс, илустрацијата, медицинската дијагноза и поезијата во примарно прозниот текст, создавајќи сложено, но и питко дело кое е генерациски блиско и препознатливо. Во потрагата по прескапи изнајмени станови, меѓу чудни познаници, во ходниците на чекалните или безбедноста на спомените, нараторката сфаќа дека мора да помине низ долг и болен пат ако не разбере дека нејзиниот лек и дом – се во нејзе самата.

Kuća se nije mrdnula на Јелена Анѓеловска (Партизанска книга, 2023)

Kuća se nije mrdnula (или Куќата не се помрдна) е поетско-драмска и прозна стихозбирка, во која песните „се случуваат“ на покриви од згради, во куќи, и бегалски станови. Експерименталната форма не е цел сама по себе, и со нејзе се постигнува специфична атмосфера што го задржува вниманието и ја открива концептуалната промисленост на колекцијата во целина. Збирката ја обработува темата на куќата низ бегалското искуство, губењето на домот, потстанарскиот живот, наследувањето имот и сигурната куќа на една лезбејска организација. Успехот на оваа книга се отсликува во обработувањето на војните и различните форми на насилство на трогателен, но паметен начин, без патос и патетика.Песните на Јелена Анѓеловска не пренесуваат трауматични, туку храбри искуства, и пркосни соочувања на хероините со нив, понекогаш со очај, понекогаш со хумор, но секогаш со непоколеблив дух.

Во хаосот радост на Калиа Димитрова (самоиздата, 2023)

Во хаосот радост добива посебни заслуги заради својата храбра духовитост, непретенциозна циничност и умешност во пронаоѓањето радост во тесногледата култура на доцнокапиталистички и хетеропапатријархален хаос. Стихозбирката пренесува чувство на леснотија кога се зафаќа со прашањата поврзани со родот и сексуалноста, преку што ја вади на површина подлоста и плиткоста на човековата опсесија сè да смести и да дефинира. Поезијата на Димитрова претставува современа ода која го слави пријателството и избраното семејство, разноликоста на квир световите, и сето она што прави да чувствуваме спокој и радост во нашиот мал и потребен интимен хаос. Во време кога преовладува општо лошо, ја издвојуваме оваа книга поради нејзиното посветено и безрезервно споделување на животно потребна надеж.

На својот фејсбук профил Калиа Димитрова објави: „Hello little world 🥁 Денес мојата книга “Во хаосот радост” ја доби наградата Штефица Цвек. Толку сум среќна и во толку добро друштво сум во овогодинешната селекција што немам што многу да споделам, освен да кажам фала. И, читајте ја книгата.“

Temeljenje kuće на Марија Андријашевиќ (Фрактура, 2023)

Марија Андријашевиќ има постигнато прецизен баланс меѓу експерименталноста и комуникативноста во книгата Temeljenje kuće (или Изградба на куќата). Во секој од прозно-поетските „блокови“ што ја сочинуваат оваа книга доминира самосвесен женски глас кој размислува за тема која недоволно се дискутира во локалната книжевност, како што е родовиот аспект на наследувањето имот. Кога брат ѝ ја предава сопственоста на земјиштето на сестра си, се прекршува еден од најстарите патријархални обичаи во овој регион – таа земја и имотот, барем по правило, да му припаѓаат на машкиот наследник. Но, за Марија Андријашевиќ оваа околност е само почеток на медитација за припадноста кон земјата, куќата, семејството, селото, самата себе… Градејќи го своето прозно-поетско дело од оваа идеја, од дизајнот на текстот до изведбата, таа создава и лична алегорија за куќата и со суптилен феминистички ангажман допира некои сосема универзални теми како што се односот помеѓу ќерката и родителот, братот и сестрата, дилемите околу основањето на сопствено семејство, љубовта, работата, осаменоста, стравот и смртта. Тематската смелост на авторката е поткрепена со внимателно осмислен концепт и возбудлив, непретенциозен лирска исказ.

ŽENE BIH za djecu – Ilustrovano putovanje s izuzetnim ženama iz prošlosti, во со-авторство на Адиса Башиќ, Бјанка Алајбеговиќ, Бориша Мраовиќ, Емир Заметица, Енес Куртовиќ, Ферида Дураковиќ, Ламија Бегагиќ, Ламија Гребо, Ламија Милишиќ, Лејла Каламујиќ, Николина Тодоровиќ. Сабина Фидахиќ, Селма Асотиќ, Тамара Заблоки и Зоран Ќатиќ (Sarajevski otvoreni centar, 2023)

По последниот бран на популарност на збирките биографии на извонредни жени, како кај нас така и во светот, изгледаше дека овој жанр ги исцрпи своите можности. Вредноста на ŽENE BIH za djecu (или ЖЕНИТЕ од БиХ за деца) лежи токму во тоа што, потпирајќи се на богатата традиција на жанрот, и учејќи од неа, оваа книга ја покажуваат неговата широкочина и слоевитост. Педагошкиот елемент кој отсекогаш бил присутен во слични книги, во ŽENE BIH za djecu беше експлицитно обмислен и разработен на ниво на прашања, упатства, задачи и информации, а визуелно и просторно е присутен исто колку и самите биографии. Ја издвојуваме оваа книга поради вниманието и јасната идеја што ја имале нејзините автор(к)ите кои посветиле внимание на вредноста и обработката на жанрот, а не само на сувопарните податоци. Тоа важи и за самите биографии, кои во оваа книга ја премостуваат границата меѓу историјата и литературата.

Им честитаме на автор(к)ите и со нетрпение го очекуваме одгласот на нивните книги и им посакуваме успех и широка читателска публика. Им се заблагодариме и на сите од регионалната книжевна заедница кои континуирано придонесуваат за напредокот на овој литературен избор.

Сите овие дела се од суштинско значење и сите го заслужуваат Вашето внимание бидејќи продолжуваат да инспирираат дијалог и да поттикнуваат промени. Изборот на Штефица Цвек е доказ за живоста и потенцијалот на современата регионална литература.

Потсетуваме дека наместо да избере само една победничка книга, Штефица Цвек го слави колективното влијание на овие дела, кои ги предизвикуваат конвенциите, поттикнуваат критичка мисла и нудат нова перспектива за горливите прашања на нашето време. Сметаме дека книгите што ги избравме ги поместуваат границите на современата литература на екс-југословенскиот простор и создаваат нови светови во кои отпорот и надежта повторно се можни.

- Реклама -