Левица: СДС и ДУИ го рехабилитираа фашизмот и го уништија АСНОМ, немаат никаков легитимитет да говорат за асномските и илинденски идеали

„За време на владеењето на пробугарската СДС и амнестираната ДУИ, Македонија како никогаш досега се соочи со целосно возобнување на бугарскиот врховизам и ништење на АСНОМ-ските темели“, велат денеска од Левица.

„Додека се брише фашистички окупатор од споменици, сведоци сме на ново регистрирано здружение, по примерот на клубот на докажаниот фашистички колаборатор – ‘Ванчо Михајлов’. Изминатиов период, во Охрид скандалозно делува здружение, чиј претседател е извесен Томе Блажески, кое го носи името по фашистичкиот бугарски цар Борис Трети!

Како и за случајот со Ванчо Михајлов, нема никаква информација кој му дал дозвола на ова здружение да се регистрира под името на фашистички окупатор, ниту пак од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нема никаква најава за кривичен прогон!“, обвинуваат од партијата, споделувајќи принтскрин од наслов на статија објавена во февруари годинава на порталот „Трибуна.мк“.

Од Левица потенцираат и дека сѐ уште нема одговор по нивната кривична пријава против претседателот на, како што велат, „фашистичкиот клуб Ванчо Михајлов”, заради „Излагање на подбив на македонскиот народ“ и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“.

„Од друга страна, полицијата под команда на Спасовски, во типичниот вазалски дух, веднаш интервенираше во случајот со палењето на бугарското знаме. Потсетуваме дека бугарската влада веднаш испрати писмена протестна нота за транспарентите на Левица на протестите против бугаризација, на кои пишуваше дека со фашисти не се преговара. Додека владата на СДС и ДУИ нема упатено ниту една писмена протестна нота до бугарското МНР за сите негаторски омаловажувања кои континуирано доаѓаат од бугарскиот парламент!“, се вели во соопштението.

Според Левица, поради ваквиот пристап на власта, таа нема никаков легитимитет да зборува за асномските и илинденските идеали.

Делегацијата на Левица од ЛО Куманово, предводена од советникот во Општина Куманово од редовите на Левица, Никола Лазаревски, заедно со членот на Президиумот на Левица, Реџеп Исмаил-Хактан, положија цвеќе во меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце.

„Овие неоврховистички и необалистички елементи на власт, кои целосно ја доведоа Македонија во потчинетост пред соседните шовинизми, немаат никаков легитимитет да говорат за асномските и илинденски идеали за слобода, непокор и независност. Ќе останат запаметени во историјата како платеници кои ги разнебитија темелите на македонската државотворност, а претходно ќе бидат гонети за велепредавство.

Македонскиот народ, иако во минатото многу пати бил поробен, тој никогаш не бил покорен. Во македонската колективна меморија тлее искрата на непокор и самопожртвуваност за слободата и независност на Републиката, која ќе ги преброди и овие привремени колаборатори и повторно гордо ќе се возобнови“, порачуваат од Левица.

- Реклама -