Левица повикува и денес да има масовност на протестите, уверува дека „сите лица со фантомки ќе бидат отстранети од редарските служби“

Во овој критичен историски момент нема простор за слабост и чекање, туку неопходен е автентичен и силен отпор на македонскиот народ, порачуваат денеска од Левица, од каде апелираат граѓаните „да не потпаѓаат на провокациите на полициските инфилтратори“ и вечер повторно масовно и достоинствено да протестираат против, како што велат, присилната бугаризација на Македонија.

Од Левица потенцираат дека сите лица со фантомки на протестот, ќе бидат отстранети од редарските служби.

„Маските за ‘европска Македонија’ на нелегитимната власт на пробугарскиот СДС одамна се паднати. Сите декларирани алузии за македонскиот идентитет, јазик, политичка автономија и сувереност, економски просперитет и слични манипулации на криминалната владејачка класа се разбиени – македонизмот и македонскиот работник се жртва на нивните лукративни интереси.

Лажни и манипулативни се нивните ‘повисоки цели’ поради кои македонскиот народ го лишат од основните атрибути на неговиот културен и политички идентитет и историски континуитет“, обвинуваат од Левица.

Од партијата посочуваат дека со прифаќање на понудениот (француски) предлог НЕ СЕ ОТВОРА ПАТОТ ЗА ИНТЕГРАЦИЈА на Македонија во ЕУ, туку, како што велат, се завршува процесот на нејзината конечна дезинтеграција – исчезнување на македонска држава во Европа.

Прочитајте и:  Инцидент во Собранието, за малку избегната физичка пресметка меѓу Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ

„Македонскиот јазик станува прв јазик за кој ЕУ (преку Бугарија) официјално ја отвара можноста да биде негиран и предмет на преговарање за интеграција;

Не постои никаква гаранција дека Бугарија во иднина нема да блокира. Нивните барања стануваат целосно дел од процесот, и ќе можат да се наметнуваат нови;

EУ и Бугарија, со барањата поврзани околу работата на т.н. Историска комисија, сакаат од македонскиот народ и држава да создадат бугарска играчка која нема сопствено минато и целосно да го погазат револуционерното, партизанското, антифашистичко и АСНОМ-ско минато, негирајќи постоење на македонски народ со свои атрибути пред 1945 година!“, се посочува во соопштението како причини поради кои, како што велат од Левица, граѓаните треба да продолжат со протестите.

- Реклама -