Пишува: Реџеп Исмаил Хактан (член на Президиумот на Левица) за „Антропол.мк“
При отсуство на аргументи, често прибежиште на (нео)либералната квази-интелектуална јавност е употребата на етикети како “фашисти” и “нацисти”, во обид за инстантно дискредитирање на политичките непријатели. За овој инфантилен феномен главно се одговорни два поврзани и измеѓу надополнувачки причинители: Првиот е плиткоста, односно немањето на целисходна визија и јасна идеолошка вредност туку само лукративен интерес карактеристичен за салонскиот политички активизам. Токму од ова произлегува и нивната политичка неписменост како состојба на идеолошка криза, што пак, кај оваа НГО-ашка хомогенизираната маса, доведува до неспособност да разградат и разберат основни политички концепти и процеси.
Вториот причинител е психолошки и се однесува на процесот на рационализација. Односно, тоа е еден вид оправдување пред сопственото его поради огромната дискрепанца помеѓу “вредностите” – кои ваквите мутирани либерали (во левичарските кругови познати како сороспии) – тврдат дека ги застапуваат, наспроти општествената реалност во којашто се наоѓаат; реалност која недвосмислено го побива нивниот шуплив концепциски и вредносен систем. Ваквиот систем во нивните кругови пак е производ; или на апсолутната несвесност за својата позиција на покорност и продаденост пред странските интереси; или пак свесен обид за оправдување пред себе и пред другите за бескурпулозното држење за својата комфорна позиција комбинирана со стравот да не се изгуби истата; па и на сметка на себе-позиционирањето на погрешната страна на историјата.
Токму вакви трауми на себесоочување проследено со душевна јанѕа предизвика недвосмислениот изборен успех на Левица кај поширокиот дел на квазиинтелектуалната (нео)либерална маса. Па така, наместо обид за интроспекција и преиспитување на сопствените предрасуди и раскринкан светоглед, единственото објаснување за силната поддршка дадена за Левица од страна на минимум 40,000 гласачи, во услови на очигледни предизборни и изборни малверзации, беа да се деградираат и инфантилизираат самите гласачи, како сојузници на “политички некоректната” Левица.
Во сиот овој процес, истата оваа либерална каста, искажа низа контрадикторности. Па така, Левица беше истовремено обвинета и за политички аматеризам како и за политичката генијалност (за нив опасност) која итно мора да се задуши, поради ургентната и приоритетна закана која ја претставува за инаку хармоничната Република! Изборниот успех на Левица создаде спој на жичките помеѓу нивната политичка неписменост и нарушеноста на нивното его, која се ефектуираше во лепење на етикети како типкање на апарати од игрите на среќа. Тоа што всушност оваа каста нема никогаш да го признае – ниту пред себе ниту пред самата јавност – е дека политичката коректност е еуфемизам за криење на ѓубрето под тепих. За разлика од нив, на секој човек со малку здрав разум, му е јасно дека неспоредливо подобар доктор е оној кој правилно дијагностицира отворена фрактура од оној кој врз истата лепи розов миризлив фластер.
Всушност, лоцирањето на проблемот лежи токму во основата на радикалната општествена критика и радикалното политично делување. Имено, истата таа расштимана интелектуална каста е директно одговорна за засадувањето на корените на едно од најголемите понижувања на македонскиот народ – присилната промена на името, процес кој некои од нив директно го одработија а други кукавички го преќутеа. Но притоа, истите тие, кои цели 30 години се ставаат во погон само на копчето од странски колонијалистички интереси, сега без никаков срам се дрзнуваат да ги сатанизираат оние кои од чиста левичарска позиција (анти-нато, обрана на асномски темели на македонска државност, право на самоопределување и суверенитет, итн) го бранат дигнитетот на сопствениот народ. Поради сето ова, нивните хистерични крици уште долго ќе служат како симптом за нивната нарушена психолошка состојба и емоционално нарушена личност како и фактот за нивната отуѓеност од секојдневната реалност на македонскиот народ на кој му е смачено од статус квото. Истовремено, секој следен хистеричен испад од страна на ваквата интелектуално сервилна багра, ќе биде дополнителна потврда за правилниот избор на Левица, како пред историјата, така и пред народот…