Левица: Политичкиот прогон е започнат, ОЈО поднесе обвинителен предлог за двајца наши кандидати за советници

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог поради постоење на основано сомнение за извршено кривично дело „напад врз службено лице при работа на безбедноста“ против носителот на кандидатската листа за советници на Општина Аеродром – Дарко Масларковски, и противкандидатот за советник за Град Скопје – Жарко Масларковски од редовите на Левица, информираше на денешната прес-конфернеција претставникот на оваа партија, Амар Мециновиќ.

„Политичкиот прогон е започнат. По две предупредувања за опасните политички намери на СДСМ, сега веќе ја информираме јавноста за две инстанци на политички прогон од страна на државните инструменти за физичко угнетување. Првично против нашиот носител на кандидатската листа за општина Аеродром – Дарко Масларковски и кандидатот за советник за Град Скопје – Жарко Масларковски, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог поради постоење на основано сомнение за извршено кривично дело напад врз службено лице при работа на безбедноста казниво по член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик“, наведе Меценовиќ, образложувајќи дека суштината на кривичното дело се состои во „умисла кај извршителот преку закана со користење на оружје и друго опасно орудие, да малтретира, навредува или физички да го повреди службеното лице“.

„Видно од доказите кои Обвинителството ги бара да бидат изведени во постапката пред Кривичниот суд, се стекнува заклучок дека Обвинителството политички го наметнува случајот поради недостиг на материјални и телесни докази кои ќе ја докажат вината на обвинетите“, потенцираше Мециновиќ.

Тој оцени дека првото рочиште тенденциозно е закажано за 18 октомври, еден ден по изборите.

Дополнително, Мециновиќ се надоврза и на случувањата од 11 октомври, кога активист на Левица влезе во конфликт со премиерот Зоран Заев, нагласувајќи дека на 12 октомври носителот за кандидатската листа за советници за Општина Прилеп на оваа партија – Иван Јовановски, бил повикан на распит во полициската станица во Прилеп, што го оцени како дополнителен притисок на само пет дена пред изборите.

„Герилската акција на нашите политички активисти беше само артикулација на народниот пркос поради гарнитурата која го изгуби својот легитимитет. Тие ги девалвираат и ги појармуваат принципите на јавните функции, на власта и на државата затоа што принципите на нивната работа се насилнички и манипулаторски. На структурата која ги повредува човековите права, ги злоупотребува демократските механизми и го обзема општеството во закрила на мафијата ѝ изминува времето кон народен суд и конечен заборав. Недела е само чекор на оваа неповратна патека. Затоа овие избори не се само за шахти и тротоари, овие избори се за испраќање на сигнал за насоката во која се движи нашето општество. Во Република Македонија може и мора подобро да се живее. Затоа повикуваме на што поголема излезност на изборите и заедно да ја победиме апатијата која тие ја наметнуваат“, порача Мециновиќ.

- Реклама -